/ Прочитано:

1.218

Разлики во социјално-економскиот статус помеѓу студентите по право

Потешко е да се снајдат и да напредуваат во студирањето, во праксата и во работата како правници, студентите од средната класа и оние од подолните класи отколку оние студенти што доаѓаат со семејна историја поврзана со адвокатурата и судството.

law books 1

Англискиот весник „Гардијан“ пренесува интересна појава, поткрепена со статистички информации, во врска со социјално-економскиот статус на студентите по право и нивниот понатамошен просперитет во работењето во адвокатските канцеларии.

Во статијата се вели дека е потешко да се снајдат и да напредуваат во студирањето, во праксата и во работата како правници, студентите од средната класа и оние од подолните класи отколку оние студенти што доаѓаат со семејна историја поврзана со адвокатурата и судството.

Исто така, статистиката покажала дека студентите што студирале на државните правни факултети или оние што се први од својата фамилија кои се запишуваат на правен факултет, се зад оние што студираат на скапите приватни правни факултети.

Така, 40-50 % од адвокатите што работат во големите адвокатски канцеларии студирале на приватни правни факултети, што е многу повеќе од сите останати граѓани на Велика Британија, од кои само 7 % посетувале приватни факултети.

Повеќето од големите адвокатски фирми во Англија се заложиле да ги променат овие трендови на давање предност на идните адвокати кои студираат на приватните правни факултети, а како причина за тоа се јавува загриженоста дека високата цена за студирање може да направи значајна социјално-економска разлика помеѓу студентите и да ги издвои во посебни класи, што во никој случај не е добро.

studenti po pravo

Затоа од страна на мултинационалната адвокатска канцеларија „Клифорд ченс“ започната е иницијативата наречена „CV блинг“ која се очекува наскоро да се рашири и во другите адвокатски фирми. Таа вклучува пропорционалност помеѓу кандидатите што ќе се пријават за работа, така што во последниот круг од интервјуата нема да се зема предвид факултетот каде што студирале кандидатите, туку одлуката за тоа кој кандидат би ја добил работната позиција ќе се донесе врз основа на претходно напишан есеj на одредена тема и психолошка процена на кандидатите врз основа на нивното однесување за време на интервјуто.

Една од целите на овој проект е да им се даде поголема шанса на студентите што не студирале во скапи приватни училишта, а со тоа и адвокатските фирми ќе покажат дека сакаат да соработуваат и со студенти и идни правници кои не доаѓаат само од богати адвокатски семејства кои со генерации се занимаваат со правото и адвокатурата.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија, во академската 2014/2015 година се запишани вкупно 59 359 студенти, што претставува пораст за 2.8 % во однос на академската 2013/2014 година.

Најголем број студенти или 87.3 % се запишани на државните високообразовни установи, додека 12.2 % се запишани на приватните високообразовни установи.

На Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во учебната 2014/2015 година се запишале вкупно 1 802 студенти на трите понудени насоки: правни, политички и новинарски студии, додека на приватните правни факултети во Република Македонија во учебната 2014/2015 година се запишале вкупно 968 студенти.