/ Прочитано:

1.575

Регионален форум „Судиска етика и одговорност на судиите“

По повод Денот на правосудството 31 март, а во рамките на проектот Денови на правосудството – Независност и ефикасност на судството, Здружението на судиите на Република Македонија со поддршка на Отсекот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во Штип го одржа првиот регионален форум, на кој учествуваа судии од Апелационото подрачје Штип.

Tемата на регионалниот форум беше „Судиска етика и одговорност на судиите“, на која учесниците дебатираа за повеќе правни и практични аспекти кои се однесуваат на независно и самостојно судство, со акцент на националните и меѓународните гаранции за независно судство, интегритет и други прашања од важност за зголемување на довербата во судството.

„На овој форум беа усвоени соодветни заклучоци како дел од финалните заклучоци, кои ќе бидат промовирани на Завршниот форум предвиден за 31 март 2017 година“, велат од Здружението на судии.

Одбележувајќи ги Деновите на правосудството, Здружението на судиите предвидува имплементација на три форуми на кои ќе учествуваат судии од четирите апелациски подрачја и централен завршен настан кој ќе се одржи во Скопје.

„Овие форуми имаат за цел да се отвори расправа меѓу судиите и правните експерти, за прашања поврзани со наоѓањето на вистинска рамнотежа меѓу независноста и одговорноста на судиите, во согласност со релевантната законска регулатива и одредбите од Кодексот на судска етика, конфликтот на интереси и спречување на корупцијата во судството, во согласност со препораките на ГРЕКО, како и дискусија за прашања поврзани со дисциплинската одговорност на судиите и постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите, важноста на примената на судската практика и други механизми кои придонесуваат за независноста, самостојноста и зголемувањето на довербата во судството“, истакнуваат од Здружението.

M.В