СЛУЧАЈ „ПОТКУП“: Заев дојде на суд без своите бранители, процесот одложен за април
Судијката го задолжи Заев да ги извести своите бранители за следното рочиште и го предупреди дека, доколку не се појават во Судот на следниот закажан термин, ќе бидат парично казнети.
Зоран Заев, лидерот на СДСМ, денеска дојде во Кривичниот суд каде што требаше да започне процесот кој се води против него за примање поткуп.
Неговите бранители, адвокатите Филип Медарски и Ване Андреев, пак, не беа присутни, па затоа судијката Дијана Груевска-Илиевска го одложи судењето за 21 април.
Судијката истакна дека адвокатот Медарски уредно ја известил дека е на службено патување во Барселона, за кое приложил и авионски билети, додека од адвокатот Андреев добила известување дека е на неодложно патување во Грција, но за тоа нема добиено уредно известување.
На прашањето на Судот дали Заев се обидел да најде друг адвокат во меѓувреме или сака Судот да му определи бранител по службена должност, тој одговори дека бил информиран за обврските на Медарски, но за Андреев до последен момент не знаел дали може да дојде во Судот.
„Вториот адвокат доцна ме извести дека е спречен да дојде од здравствени причини и поради тоа немав време да најдам друг бранител“, рече Заев пред Судот.
Судијката го задолжи Заев да ги извести своите бранители за следното рочиште и го предупреди дека, доколку не се појават во Судот на следниот закажан термин, ќе бидат парично казнети.
Надвор од судницата во изјава за медиумите лидерот на СДСМ рече дека не бега од судењето и дека ќе се јави на следната главна расправа.
„Јас сум денеска овде и не сакам да се остави впечаток за непочитување на Судот. Се надевам дека барем еден од двајцата ќе биде присутен на следното рочиште“, рече Заев.
Тој уште еднаш повтори дека случајот што се води против него е смешен и дека никаде во светот не постои обвинение за поткуп без да бидат дадени парите.
„Поради тоа, ние поднесовме кривични пријави против човекот што се обидува да ме намести за поткуп и обвинителот што го води предметот. Надвор од сите законски процедури и нормативи воспоставено е следење лично мое, на телефоните и физичко следење, а никако не можеме да дојдеме до наредбите за тоа, кои имаме право да ги добиеме како одбрана, но секако во развојот на овој процес јавноста ќе биде секогаш транспарентно и навремено информирана“, изјави Заев.
Предметот „Поткуп“ беше побаран од Специјалното јавно обвинителство со цел да се утврди дали тоа има надлежност над овој предмет. Сепак, од Основното јавно обвинителство – Скопје беше одговорено дека предметот што го бара СЈО не е поврзан ниту, пак, произлегува од содржината на незаконското следење на комуникациите. Оттаму го испратија барањето на СЈО во Советот на јавни обвинители, кој сè уште нема одлучено. Во однос на ваквото префрлање на предметот Заев вели:
„Не би сакал да ги коментирам постапките на правосудните органи, туку само можам да дадам свое размислување, без да навлегувам во постапката, но мислам дека и малите деца знаат за неовластеното прислушување на опозицијата и на Зоран Заев. Доколку има неовластено прислушување, тоа секако е материја што треба да ја третира Специјалното јавно обвинителство кое беше и формирано поради тоа. Според моите информации, постојат податоци за мое неовластено прислушување, кое траело пет години“.
Застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. Денеска во Судот беше присутен и оштетениот, струмичкиот бизнисмен Иван Николов.
М.С.