/Прочитано:

1.747

Специјалното јавно обвинителство отвори четири нови истраги

„Новите истраги се однесуваат на времето од 2008 до 2015 година, период кога Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, не само што не ги извршувале своите законски обврски, туку дозволиле поединци и други министерства да работат спротивно на законот, со што физички и правни лица се стекнале со противправна имотна корист. Ќе се види на кој начин се перени пари во Буџетот и како тие пари завршувале во приватни џебови на одредени функционери од власта, како и на име на правни лица. Ова е почеток на овие истраги кои понатаму ќе се прошируваат“, истакна на прес-конференцијата специјалната обвинителка Катица Јанева.

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори четири нови истраги со работни наслови: „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“, за кои, како што информираше ова јавно обвинителство, се обезбедени голем број материјални и вербални докази.

„Новите истраги се однесуваат на времето од 2008 до 2015 година, период кога Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, не само што не ги извршувале своите законски обврски, туку дозволиле поединци и други министерства да работат спротивно на законот, со што физички и правни лица се стекнале со противправна имотна корист. Ќе се види на кој начин се перени пари во Буџетот и како тие пари завршувале во приватни џебови на одредени функционери од власта, како и на име на правни лица. Ова е почеток на овие истраги кои понатаму ќе се прошируваат“, истакна на прес-конференцијата специјалната обвинителка Катица Јанева.

Станува збор за финансиски истраги кои се многу комплексни, потенцираше Јанева, нагласувајќи дека за нив ќе биде потребен подолг временски период.

„Се наметнува прашањето за тоа дека ќе се надмине периодот од 18 месеци, а роковите се далеку пократки од роковите по кои постапуваат другите јавни обвинителства. Поради ова, бараме Собранието да ја разгледа законската одредба која ја ограничува нашата работа и заеднички да најдеме соодветно законско решение за да ги истражиме кривичните дела што се во рамките на нашиот мандат“, нагласи специјалната обвинителка Јанева.

Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, осврнувајќи се детално на новоотворените истраги, рече дека станува збор за случаи на злоупотреби на службената положба и овластувања и тоа од страна на поранешен помошник министер за во Министерството за внатрешни работи и директор на основно училиште, како и даночно затајување од страна на управители на две фирми за маркетинг.

Во предметот со работен наслов „Табла“, осомничен е директор на основното училиште „Реџо Рушит Зајази“ во село Зајас за злоупотреба на службената положба и овластување. Фетаи нагласи дека постои основано сомневање дека тој овозможил имотна корист за едно правно лице, преку склучување на договор со правното лице „Бау проф“. Без објавување на тендер, како што рече Фетаи, тој склучил договор за нов училиштен објект во износ од 200 илјади евра.

Во предметот со работен наслов „Триста“, Специјалното јавно обвинителство отвори истрага за поранешен помошник министер во Министерството за внатрешни работи за кој, како што потенцираше Фетаи, постои основано сомневање дека  во периодот од 2008 до 2012 година го оштетил Буџетот за 453.570 евра, бидејќи свесно склучил договор за јавна набавка за купопродажба, сервисирање и одржување на 300 возила, кој не бил економски најповолен.

Образложувајќи го предметот со работен наслов „Тотал“, Фетаи истакна дека станува збор за даночно затајување и во оваа истрага е осомничено едно физичко лице кое е управител и сопственик на друштвото за маркетинг и пропаганда „Тотал маркетинг“ и уште три други правни друштва. Постои основано сомневање, нагласи Фетаи, дека од 2008 година до 2015 година тој и правното лице намерно одбегнале делумно плаќање даноци преку давање на лажни податоци. Со тоа правните лица избегнале плаќање данок во износ од над 121 илјади евра, додека осомничениот избегнал плаќање данок од 63 илјади евра. СЈО посочи дека осомничениот ги користел правните лица за купување на предмети и услуги за лични потреби. Набавени биле душеци, рачен часовник, мебел, персиски теписи и слични работи кои се припишувале на правните лица, иако повеќето од нив немале вработени лица.

Во предметот со работен наслов „Тифани“, осомничено е едно лице, управител на друштвото за комуникација и консалтинг „Смарт центар експорт-импорт – Скопје“, за даночно затајување. Според СЈО, постои основано сомнение дека од 2008 до 2014 година лицето давало лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави, со што правните лица избегнале да платат данок во износ од 37.600 евра, а осомниченото лице избегнало да плати речиси 17 илјади евра. За лични потреби, а на име на правните лица, осомничената купувала луксузен мебел, долна облека, очила, шминки и козметика, чанти и слично.

На денешната прес-конференција беше нагласено дека во наредните денови ќе биде поднесен обвинителен акт за предметот „Транспортер“.

А. Б.

Спонзориран текст