Свечена седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ по повод Меѓународниот ден на човековите права
Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се одржа свечена седница по повод 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.
На свечената седница се обратија ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, професорот Никола Јанкуловски, и деканот на Правниот факултет, професорот Горан Коевски.
Двајцата говорници го истакнаа значењето на Меѓународниот ден на човековите права, како и важноста на човековите права од аспект на современите општества, од аспект на едукацијата и од аспект на заштитата на правата на студентите.
На свечената седница се обрати и Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во Врховниот суд и поранешен судија во ЕСЧП, која во контекст на човековите права говореше за Европската конвенција за човековите права како „жив инструмент“ во заштитата на правата и слободите на граѓаните.
На денешната свечена седница беа доделени и пофалници и благодарници за учеството на натпревари како исклучително важни настани за промоција на македонското високо образование и верификување на стекнатите знаења.
Инаку, денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. На 10 декември 1948 година во Париз од страна на Генералното собрание на ОН е усвоена Универзалната декларација за човекови права.
Фундаменталните постулати врз кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и правата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место.
М.В