/ Прочитано:

8.480

Светот го одбележува Меѓународниот ден на толеранцијата

Толеранцијата претставува почитување, прифаќање и уважување на богатствата од различности во светските култури и таа е форма на изразување и начин да бидеме луѓе. Толеранцијата подразбира волја и способност да се прифати и да се дозволи различноста, било да се работи за разликите во политичките уверувања, верските и расните уверувања, или пак за разликите меѓу половите.

толеранција

Да се почитуваат различностите, да се работи на подигнувањето на свеста за почитување на човековите права, секој во општеството да придонесува за безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување, е главната порака на УНЕСКО по повод 16 ноември – Светскиот  ден на толеранцијата. 

Во 1996 година со прогласувањето на 16 ноември за  Светски ден на толеранцијата, УНЕСКО обрна внимание на бројни меѓународни акти кои се однесуваат на човековите права, вклучувајќи ги и бројните конвенции што ги потпишаа земјите членки на Обединетите нации: Конвенцијата за граѓански и политички права, Конвенцијата за елиминирање на сите облици на дискриминација на жените, Конвенцијата за спречување на расната дискриминација, Конвенцијата за спречување и казнување на злосторствата од геноцид и други.

Во универзалната дефиниција, напишана од страна на УНЕСКО, толеранцијата претставува почитување, прифаќање и уважување на богатствата од различности во светските култури и таа е форма на изразување и начин да бидеме луѓе. Толеранцијата подразбира волја и способност да се прифати и да се дозволи различноста, било да се работи за разликите во политичките уверувања, верските и расните уверувања, или пак за разликите меѓу половите.

Според Комисијата за заштита од дискриминација, Светскиот ден на толеранцијата претставува можност секој граѓанин да се декларира за толерантно општество без насилство, во кое се почитуваат човековите права.

Институтот за човекови права во Македонија смета дека во Законот за спречување и заштита од дискриминација и во неговата петгодишна имплементација во пракса има недостатоци што треба да се елиминираат за да се изгради правен систем без дискриминација.

Анализата на Институтот за човекови права направена со неколкумесечно истражување покажува дека во постојниот Закон механизмите за спречување и заштита од дискриминација не обезбедуваат во целост ефикасно и ефективно остварување на правото на недискриминација во македонското општество. Затоа, според ИЧП, потребна е промена на законските одредби со кои ќе се олесни постапката за заштита од дискриминација, а тоа ќе придонесе да се унапреди правото на еднаквост и недискриминација во секојдневниот живот.

Во Иницијативата за измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација, напишана од страна на Институтот за човекови права, се наведува дека дел од македонскиот правен систем треба да се приспособи на општествената реалност со цел да се обезбеди почитување на човековите права на секоја индивидуа во Македонија.

А. Б.