/ Прочитано:

1.132

Управниот суд донесе пресуда во корист на ДИК во врска со е-пристапот до Избирачкиот список

Судот, во согласност со приложените списи кон предметот и позитивната законска регулатива, утврдил дека во постапката што му претходела на донесувањето на оспорениот акт тужениот орган не постапил според правилата на постапката, поради што фактичката состојба не е во целост и не е правилно утврдена, што е резултат на непочитување на правилата и начелата на управната постапка.

Принтскрин од веб-страната за пребарување на Избирачкиот список

Управниот суд на 5 мај 2016 година, одлучувајќи по тужбата на ДИК против привременото решение на Дирекцијата за заштита на личните податоци со кое ѝ се забранува на ДИК да обезбедува електронски пристап до Избирачкиот список објавен на веб-страницата izbirackispisok.gov.mk, донесе пресуда со која се уважува тужбата на ДИК, а привременото решение на Дирекцијата се поништува.

Во тужбата на Државната изборна комисија е наведено дека со оспореното привремено решение се крши членот 48 ст. 1 од Изборниот законик, на начин што со привременото решение целосно се укинува апликацијата за електронски пристап до Избирачкиот список и со тоа им се одзема законски гарантираното право на граѓаните да извршат увид во Избирачкиот список и следствено на тоа да побараат запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список.

Судот, во согласност со приложените списи кон предметот и позитивната законска регулатива, утврдил дека во постапката што му претходела на донесувањето на оспорениот акт тужениот орган не постапил според правилата на постапката, поради што фактичката состојба не е во целост и не е правилно утврдена, што е резултат на непочитување на правилата и начелата на управната постапка. Управниот суд во пресудата наведува дека тужениот орган за извршениот вонреден инспекциски надзор не составил записник со наод на состојбата, кој бил должен да го достави на обработувачот на личните податоци односно на тужителот, во согласност со Законот за заштита на личните податоци.

Како заклучок, во пресудата се наведува дека оспореното решение на тужениот орган не е донесено во согласност со чл. 205 ст. 1 од ЗОУП, т. е. при одлучувањето, односно пред донесувањето на одлуката органот бил должен правилно да ги изведе сите докази и својата одлука да ја заснова на фактите утврдени во постапката кои се од значење за правилно одлучување, па дури потоа на правилно утврдена фактичка состојба да донесе правилна и законита одлука.

На крајот, Судот смета дека има потреба од повторно постапување и одлучување по предметот, при што тужениот орган (Комисијата) е должен да ги отстрани сите повреди на постапката и правилно да го примени чл. 45 од Законот за заштита на личните податоци, да ги изведе сите докази, врз основа на нив правилно да ги утврди решителните факти битни за донесување на законито решение, па врз основа на целосно и правилно утврдена фактичка состојба правилно да го примени материјалното право.

С. М.

Забрана за ДИК да обезбедува е-пристап до личните податоците во Избирачкиот список