/ Прочитано:

369

Уставниот суд по сопствена иницијатива ќе ја оценува уставноста на Упатството со кое се изменува Упатството за водење на матични книги

Соопштение

Уставните судии денеска одржаа состанок на кој едногласно одлучија да се оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на „Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги”.

Станува збор за Упатството донесено од страна на Министерството за правда на 29 мај 2023 година и кое изминатиот период предизвика голем интерес кај јавноста.

Овој предмет е формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Состанокот се одржа на предлог на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и присуствуваа сите судии.

Согласно Деловникот, овој предмет е предаден на судија известител и советник на Судот и веќе се води претходна постапка за испитување на уставноста на Упатството.

Во врска со прашањата на неколку медиуми, до Судот до овој момент на објава на ова соопштение не е поднесена иницијатива од страна на граѓани со кој се оспорува истото Упатство.