/ Прочитано:

1.653

Уставниот суд поведе постапка за Законот за заштита од дискриминација бидејќи бил донесен без потребното мнозинство

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/2019).

Комисијата за заштита од дискриминација од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

„Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот закон бил во спротивност со членот 75 од Уставот. Ова од причина што новиот текст на Законот бил доставен до Собранието за негово усвојување и на ден 11.03.2019 година бил усвоен со вкупно 51 глас од вкупниот број на пратеници. Вака усвоениот закон бил доставен до претседателот на Република Северна Македонија за потпишување на указот, но бидејќи истиот не бил потпишан од претседателот, повторно бил вратен во Собранието. Оспорениот закон бил ставен повторно на дневен ред на 16.05.2019 година и врз основа на член 75 од Уставот Собранието повторно го разгледувало Законот кој бил изгласан со 55 гласа на пратеници од вкупниот број на пратеници, што според подносителот на иницијативата, Законот бил усвоен без потребното уставно мнозинство и истиот не можел да стапи во сила бидејќи биле потребни најмалку 61 глас“, се наведува во Решението.

Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија, односно со член 75 став 3 од Уставот, од причина што истиот, според Судот е донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот, односно за истиот не гласале 61 пратеник како што исклучиво бара наведениот член од Уставот.

„Имено, од причина што овој закон бил повторно ставен на гласање по претходно даденото вето од претседателот на Републиката, Судот оцени дека во тој случај законот добива поголем легитимитет и истиот треба да се донесе со апсолутно мнозинство гласови како што предвидува член 75 став 3 од Уставот, норма која што според оценката на Судот е императивна правна норма. Ова, дотолку повеќе што и Амандманот X став 1 од Уставот утврдува дека Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, но само ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Во случајов Уставот предвидува посебно мнозинство, а тоа во правната ситуација предвидена во членот 75 од Уставот е апсолутното мнозинство, односно консензус од 61 пратеник, со што само во тој случај би можело да се смета дека законот е полноважно донесен. Но, како предметниот закон е донесен без потребното мнозинство во смисла на член 75 став 3 од Уставот, Судот основано ја доведе согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Северна Македонија“, се наведува во решението на Судот.

М.В