/ Прочитано:

1.234

За два месеци исплатени 50 милиони евра, до крајот на месецот целосна реализација на субвенциите

За два месеца се исплатени околу 50 милиони евра субвенции за земјоделството. За реализација остануваат неполни 15 милиони, за кои решенијата се веќе подготвени. До крајот на месецот се очекува поддршката да биде префрлена во целост, информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски информира дека за два месеца се исплатени околу 50 милиони евра субвенции за земјоделството. За реализација остануваат неполни 15 милиони, за кои решенијата се веќе подготвени. До крајот на месецот се очекува поддршката да биде префрлена во целост, информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Во однос на преостанатите 15 милиони евра, министерот рече дека се работи за субвенции за земјоделци кај кои контролите покажале несовпаѓање на пријавеното со состојбата на терен.

„Оние производители кои поради некоја причина нема да добијат субвенции да се обратат до Платежната агенција за да се детектира проблемот и да се надмине“, изјави Николовски и најави дека Министерството ќе воспостави систем на навремена исплата.

Министерот Николовски информира и дека до крајот на годината, до 31 декември, ќе бидат исплатени и дополнителните шест милиони евра поддршка за млад земјоделец и за подигање нови повеќегодишни насади.

„Со Програмата за 2017 година ќе се исплатат и нови два милиона евра субвенции за пченица, јачмен, лозарство, овоштарство и фуражни култури. Воведуваме сериозна практика за грижа на земјоделците, отворивме интензивен дијалог, сакаме да ги слушнеме нивните предлози, сугестии и размислувања зашто само така, со постојани, конзистентни, искрени разговори, ќе дојдеме до квалитетни решенија“, изјави Николовски.

Воедно, на денешната прес-конференција министерот Николовски најави дека ќе се зголемат средствата за заштита на шумите. Посочи дека од идната година буџетските средства за заштита на шумите ќе се зголемат и наместо сегашните седум милиони ќе изнесуваат 35 милиони денари.

„Во претходните десет години десеткратно е намален износот на буџетот за заштита на шумите, од 70 милиони денари во 2006, на седум милиони во 2017 година“, напомена министерот.

Николовски на прес-конференција потенцира дека опожарената дрвна маса нема да се става во промет и ќе биде под строга контрола од страна на Инспекторатот.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со пожарите, информира дека на негово барање се засилени сите контроли и инспекциските и оние на шумската полиција.

„Сите капацитети на Министерството се ставени во целосна функција и сите обврски и надлежности се преземени навреме. Пред почетокот на пожарите е донесена забраната за делумно движење во шумите, а потоа  е воведена и целосна забрана. Во 24-часовна подготвеност се ставени Шумската полиција и Државниот инспекторат за шумарство и ловство, кој врши вонредни контроли. Постојано сме на терен и ја следиме состојбата“, посочи Николовски.

Николовски изјави дека поразителни се податоците во однос на ревизијата на ефикасноста на претпријатијата и институциите надлежни за шумите, која претходно години не се спроведувала. Притоа, посочи дека сега се спроведува ревизија по негов налог и на секои три месеци ќе се добиваат податоци.

А. Б.