/ Прочитано:

971

Зголемен е бројот на предмети пред Државната комисија за жалби по јавни набавки во 2015 година

Во 2015 година, предмет на правна заштита пред Државната комисија во жалбена постапка, од вкупно 610 решени предмети, 322 постапки за јавни набавки биле спроведени со отворена постапка, 124 постапки спроведени со барање за прибирање на понуди со објавување оглас над 5 000 евра, 101 постапка со барање за прибирање на понуди со објавување оглас до 5 000 евра, 17 постапки со преговарање без претходно објавување оглас и 18 постапки се спроведени во согласност со членот 17 од Законот за јавните набавки.

Илустрација, адвокати

Во согласност со членот 205 од Законот за јавните набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки за своето работење поднесува Годишен извештај за 2015 година до Собранието на Република Македонија кој се презентираше на вчерашната 103-та седница.

Составен дел на Извештајот се: бројот на примени, решени и нерешени предмети, бројот на поништени постапки, бројот на предмети за кои е поведен управен спор, статистичка анализа на постапките на правна заштита и оцена на состојбата со правната заштита и системот за јавни набавки во целина.

Целта на постоењето на Државната комисија е да обезбеди брза, објективна и ефикасна правна заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки, како и во постапките за доделување на договори за концесии и за јавно приватно партнерство. Според поднесениот извештај, приоритет на Државната комисија за понатамошниот период и понатаму останува решавањето на жалбите во постапките за доделување на договори за јавни набавки, концесии и јавно приватно партнерство и жалбите на решение на Советот за јавни набавки во законските рокови на квалитетен и транспарентен начин, зајакнување, развој и одржување на човековите ресурси, постојана обука и стручно усовршување на сите инволвирани страни во постапките за доделување договори за јавни набавки итн.

Во текот на 2015 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки пристигнати се и оформени се вкупно 626 предмети со ист број на жалби, од кои 16 предмети се пренесени од 2014 година, а останатите 610 предмети се новопристигнати во 2015 година. Од вкупно 626 предмети за работа во 2015 година, решени се 610 предмети со ист број на жалби, додека нерешени предмети поради некомплетна документација и пренесени во 2016 година се 16 предмети, со вкупно 16 жалби.

Со споредба на податоците за бројот на примени и оформени предмети во 2012, 2013 и 2014 година и бројот на примени и оформени предмети во 2015 година, се утврдува зголемување на бројот на предмети пред Државната комисија за жалби по јавни набавки, што во просек за 2015 година изнесува 50,83 предмети месечно.

Во 2015 година, предмет на правна заштита пред Државната комисија во жалбена постапка, од вкупно 610 решени предмети, 322 постапки за јавни набавки биле спроведени со отворена постапка, 124 постапки спроведени со барање за прибирање на понуди со објавување оглас над 5 000 евра, 101 постапка со барање за прибирање на понуди со објавување оглас до 5 000 евра, 17 постапки со преговарање без претходно објавување оглас и 18 постапки се спроведени во согласност со членот 17 од Законот за јавните набавки.

Од вкупно 610 решени предмети во 2015 година, 3 предмети се однесуваат на доделување концесии и 5 предмети за воспоставување договор за јавно приватно партнерство.

Против решенијата на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во согласност со членот 230 од Законот за јавните набавки, може да се поведе управен спор пред судот надлежен за водење на управни спорови. Иако, во согласност со членот 230 од Законот за јавните набавки, судот надлежен за водење на управни спорови во предметите по јавните набавки решава по итна постапка, сепак, управниот спор трае подолго време. На таков начин се создава проблем во случаите кога изјавената тужба судот ќе ја уважи, решението на Државната комисија ќе се поништи, а предметот ќе се врати на повторно постапување пред Државната комисија затоа што, со оглед на тоа дека буџетските средства кои се трошат се едногодишни, во таков случај судската заштита се сведува само на утврдување на законитоста на постапката.

Според Извештајот за 2015 година, против решенијата донесени од страна на Државната комисија, според податоците на Управниот суд на Република Македонија, во текот на 2015 година изјавени се вкупно 91 тужба или 14,92 % од вкупните предмети.

Од нив, уважени се 3,93 % од тужбите, одбиени се 10 %, отфрлени се 0,82 %, и запрена е постапката по 0,16 % од тужбите.

За периодот од 1.1.2015 до 31.12.2015 година во Вишиот управен суд примени се 7 предмети формирани по жалби, поднесени против одлуки на Управниот суд во однос на барања за времена мерка и 28 предмети формирани по жалби поднесени против одлуки на Управниот суд донесени во однос на поднесени тужби против решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки, или вкупно 35 предмети од областа на јавните набавки.

Вкупниот износ кој врз основа на надоместот за водење на жалбена постапка пред Државната комисија е уплатен во Буџетот на Република Македонија изнесува 10.227.043,00 денари. Во случаите кога жалителот ќе успее во жалбената постапка и кога изјавената жалба ќе биде уважена, Државната комисија во согласност со членот 228 од Законот за јавните набавки одлучува за тоа која од странките во постапката ќе ги сноси трошоците на жалбената постапка.

Вкупниот износ кој врз основа на административни такси за изјавување на жалба пред Државната комисија е уплатен во Буџетот на Република Македонија за 2015 година изнесува околу 151.500,00 денари.

На крајот од извештајот истакнато е дека е потребно јакнење на материјално-кадровските услови за поефикасна работа на Државната комисија за жалби по јавни набавки, со оглед на нејзините надлежности во областа на правната заштита во постапките за јавни набавки, како и дека ѝ е потребно кадровско доекипирање на Државната комисија за жалби по јавни набавки за да работи непречено и ефикасно во согласност со законските надлежности.