/ Прочитано:

1.369

ЗНМ и СЕММ создаваат регистар на професионални онлајн медиуми

Здружението на новинарите на Македонија денеска потпиша меморандум за соработка со Стопанската комора на Македонија. Целта на потпишувањето на меморандумот е да се направи значаен исчекор кон зголемување на професионалноста на онлајн медиумите.

Процесот кој ќе го водат ЗНМ, Советот за етика во медиумите на Македонија и Стопанската комора ќе резултира со создавање регистар на професионални медиуми, кој ќе ѝ помогне на јавноста, но и на бизнис-заедницата, полесно да распознаваат кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

„Во овој регистар нема да има место за пропагандата, лажните вести, како и за анонимните редакции и уредници“, истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски. Според Чадиковски, процесот на изработка на критериумите за регистарот ќе биде инклузивен процес, во кој преку одржување консултативни средби со новинари, со претставници на порталите и на бизнис-заедницата ќе се дојде до најквалитетните решенија.

„Ваквиот вид на евидентирање ќе ѝ помогне и на бизнис-заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира и да огласува бидејќи и тие сакаат да го помогнат овој процес, а истовремено имаат и општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми“, рече Чадиковски.

М.В