/ Прочитано:

1.307

ЗНМ: Институциите не ги казнуваат насилниците што напаѓаат новинари

Здружението на новинарите на Македонија денес во Клубот на новинарите го претстави Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рече дека минатата година во Македонија новинарите биле уценувани, прогонувани, тепани, добивале смртни закани, се прогласувале за предавници итн. „Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и да ги замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта“, истакна тој.

Според извештајот, минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека другите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот.

Исто така, Селмани изрази загриженост што Обвинителството досега не повело ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и за говор на омраза. „Неказнети останаа и познатите тројки на ВМРО – ДПМНЕ кои спроведуваа кампањи на навредување и заплашување на новинари“, истакна Селмани.

Покрај недостигот од безбедност во работата, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување, што влијае негативно на нивната професионална независност.

Во извештајот е евидентирано дека ниту во медиумското законодавство нема подобрување бидејќи не е целосно усогласено со најдобрите европски практики. Ова публикација е изработена во рамките на проектот „Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“.