/ Прочитано:

1.159

30 години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето

Денеска на глобално ниво се одбележува Светскиот ден на детето, кој има цел да го сврти вниманието на широката јавност за сите обврски што ги има општеството кон децата, како и за најважните проблеми со кои се соочуваат децата.

По повод Светскиот ден на детето и одбележувањето на 30 години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, денеска во Домот на Армијата во Скопје се одржува настан под мотото „Сите сме = во правата”, на кој учествуваат деца од градинки, основни и средни училишта од повеќе градови од Републиката.

Настанот е организиран од институцијата Народен правобранител, во соработка со Коалицијата на младински организации „Сега” од Прилеп, Управата за развој и унапредување на образованието и јазиците на припадниците на заедниците, како и Детската фондација „Песталоци”.

На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето, во која се нагласува дека сите деца имаат права што произлегуваат од оваа конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура ѝ припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високоранлива општествена група која лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Во согласност со ООН, децата се изложени на насилство, експлоатација, виктимизација од страна на возрасните секојдневно, но и на глад, болести и недостиг на социоекономски услови за здрав и активен живот во државите кои се сметаат за сиромашни или пак за држави во развој.

Конвенцијата за правата на детето – важен цивилизациски исчекор и клучен документ

Обединетите нации во 1989 година ја усвоија Конвенцијата за правата на детето и со тоа заштитата на децата на меѓународно ниво го доби најзначајниот акт за заштитата на децата како документ кој има најголем број ратификации од државите, декларирajќи ја цврсто изразената волја за подобрување на правата на децата, осoбено изразени со конвенциските одредби за заштита на правата и можноста за партиципација во активности, како и воведување на минимум стандарди за здравствена заштита, образование и социјална заштита.

Најважни принципи и конвенциски точки за заштита на децата

Според принципите, сите деца и млади ги имаат истите права, имаат право на најголем можен степен на здравје, право на бесплатно основно образование, слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати. Децата и младите имаат право на добро воспитување. Нивните родители или други воспитувачи не смеат да употребат сила, малтретирањето и злоупотребата се забранети. Децата и младите имаат право да добијат посебна помош и заштита во војна и при бегство. Децата и младите имаат право да бидат заштитени од експлоатирачка работа и сексуална злоупотреба. Тие имаат право да живеат со своите родители и да го одржуваат контактот со двајцата родители, ако тие живеат одделно. Децата и младите што се хендикепирани имаат право на посебна поддршка и унапредување, како и активно учество во општествениот живот.

М.В