/ Прочитано:

5.334

Адвокатот Ќатоски со апел до Министерството за правда: „Под итно вклучете адвокати во Советот за реформи на правосудството“

Адвокатот Глигорие Ј.Ќатоски апелира до Министерството за правда да вклучи и адвокати во Советот за реформи во правосудството. Во владиниот совет за реформи во правосудството, истакнува адвокатот Ќатоски, партиципираат само професори и судии. По составот на Советот, посочува адвокатот, претпоставка е дека адвокатурата како уставна категорија во Р.Македонија не партиципира во правосудниот систем во Р.Македонија.

Адвокатот Ќатоски вели дека за реформите во правосудството мора да се стави акцентот на нивната практична примена, за што исклучиво може да дадат придонес искуствата, мислењата и предлозите на адвокатите. Во таа смисла, Ќатоски нагласува дека адвокатите претставуваат движечка сила на реформите.

„Адвокатите во секоја држава се движечка сила на реформите во правосудството. Како професионалци кои го практикуваат правото на територија на Р.Македонија, и тоа како можеме да допринесеме кон реформи што реално ќе придонесат кон подобрување на законските решение и нивно практично применување. Со Совет кој главно е составен од професори-теоретичари кои немаат ниту еден ден практично искуство во судница (со исклучок на неколку членови) ќе добиеме реформи во правосудството како што впрочем беа и досегашните – килави во практична примена“, подвлекува адвокатот Ќатоски.

Во насока на вклучување на адвокатите во Советот за реформи во правосудството, струшкиот адвокат Глигорие Ј.Ќатоски упатуваапел до Министерството за правда, како и до Адвокатската комора на Република Македонија.

„Упатувам апел до Министерството за правда, под итно да вклучи искусни адвокати по предлог од Адвокатската комора во состав на Советот за реформи во правосудството. Исто така, упатувам апел до Адвокатската комора на Р. Македонија да инсистира во Советот за реформи во правосудството да партиципираат најмалку двајца искусни адвокати“, истакнува адвокатот Ќатоски.

М.В