АКРМ: Видеопредавање за доказите и приговорите
Адвокатската комора на Република Македонија објави видеопредавање за доказите и приговорите. Новиот Закон за кривична постапка, велат од АКРМ, бара адвокатите на одбраната да бидат проактивни, особено во текот на главната расправа. Да се биде проактивен, значи постојано да се внимава на основните доказни принципи. Ова е неопходно за да се презентираат убедливи и разумни аргументи за тоа зошто одделни докази треба да бидат одбиени или да им се посвети малку верба и зошто одделни докази треба да бидат допуштени, особено доколку сите претходни услови се исполнети. Во текот на судењето, овие аргументи обично се изнесуваат усно и се нарекуваат приговори. Видеото, кое може да го најдете ТУКА, поделено во три дела, има за цел да ги запознае искусните адвокати, обучени во континенталното право, со основните начела кои се однесуваат на доказите и со доказните приговори. Видеото е проследено и со публикација, која можете да ја разгледате овде Докази и приговори.
*Обучувач Мајкл Г. Карнавас, адвокат од САД со над 30-годишно искуство, вклучувајќи и меѓународно искуство пред Меѓународниот кривичен суд (ICC), Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ICTY), Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда (ICTR), како и вонредните совети во судовите во Камбоџа (ECCC). Во изминатите 20 години, тој обучува правни практичари и студенти по право за адвокатски вештини за време на судење. Од октомври 2006 до март 2009, тој претседаваше со Асоцијацијата на бранители кои постапуваат пред ICTY.
М.В