Антикорупциска: Кога премиерот би се избрал за министер за финансии, би настанала повреда на законските одредби
Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со Предлогот за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија со бр. 08-2072/3 од 23.6.2019 година, доставен до Собранието на Република Северна Македонија, со кој претседателот на Владата на Република Северна Македонија е предложен за министер кој ќе раководи со Министерството за финансии, смета за потребно да укаже на следното:
Согласно член 72 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси:
„Службеното лице во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово избегнување.“
Согласно член 44 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интерес:
„Избраното или именуваното лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитуваа правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“ и
„Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга.“
Имено, во случај кога претседателот на Владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии, ќе настане повреда на горецитираните одредби, при што Државната комисија ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзините надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.
Заев: Го повлекувам предлогот
На денешната собраниска седница, а во врска со укажувањето на Антикорупциската комисија, премиерот Заев рече дека го повлекува предлогот да биде и министер за финансии, но дека ќе раководи со Министерството сè додека не се избере министер.
„Функцијата претседател на Владата и министер е неспоива, но Уставот дозволува премиерот да биде и министер. Јас ќе раководам со Министерството за финансии сè додека не се избере нов министер“, истакна Заев.
М.В