/ Прочитано:

3.412

Биографијата на државниот правобранител предложен за нов уставен судија

На денешната седница Комисијата за прашања на изборите и именувањата го предложи државниот правобранител, Насер Ајдари, за нов уставен судија. Во биографијата на државниот правобранител, објавена на веб-страницата на Државното правобранителство, е наведено дека Ајдари е роден 1960 година во Скопје, каде што и дипломирал на Правниот факултет на  13.10.1986 година.

Од 1989 година до 1992 година бил вработен во Основниот суд Скопје I Скопје на работно место приправник. Правосуден испит положил на 6.4.1993 година  во Скопје.

Од 1996 година до 1997 година бил вработен во Министерството  за труд и социјална политика  на работно место советник, а од 1997 година до 2001 година бил вработен како секретар на Советот на Општина Арачиново.

Во Министерството за правда  работел од 2001 до 2008 година, а од 1.8.2008 година бил избран за член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, каде што и ја извршувал функцијата заменик-претседател на Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

На 5.11.2013 година бил именуван за државен правобранител на Република Македонија.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

M.В