/ Прочитано:

1.769

Британските здруженија на вегетаријанци ја подигнуваат свеста на работодавачите за своите права

Во мај оваа година, Националниот здравствен сервис од Лондон објави оглас за работно место психолог-терапевт за нарушување во исхраната, со што предизвика негодувања меѓу вегетаријанците кои со тој оглас се почувствувале дискриминирани.

Огласот започнувал со зборовите „за жал, апликациите за терапевти кои се занимаваат со вегетаријанска исхрана нема да бидат земени предвид“. По краток период, лондонскиот Национален здравствен сервис ги отстранил огласот и рестрикцијата што се однесувала на вегетаријанската исхрана. И покрај отстранувањето на огласот, кое го доживеале како позитивен исход на целата работа, вегетаријанските здруженија се побуниле за општ недостаток на општествена свест за вегетаријанските права во Велика Британија. Тие сметаат дека се создава заблуда за вегетаријанството и за луѓето што се хранат на таков начин, што, пак, во најтесна смисла создава еден вид дискриминација.

Како што се тврди во статија на веб-страницата „L2B“, важно е дека вегетаријанците во државата се свесни за своите права и можат јасно и гласно да ги застапуваат своите убедувања и да бидат самоуверени доколку наидат на некакви пречки. Здруженијата на вегетаријанци сакаат да ја подигнат свеста и на работодавачите од приватниот и државниот сектор, за да бидат и тие свесни за нивните права, особено имајќи го предвид фактот дека вегетаријанството како движење рапидно порасна во последните десетина години.

Вегетаријанството само по себе не  претставува некаква посебна диета, туку е начин на живот, а  вегетаријанците се хранат на тој начин само затоа што се залагаат за тоа да не се убиваат животните и да не се прават производи од животинско потекло.

За вегетаријанските убедувања се смета дека се одржливи како теорија, па затоа е препорачливо да се намалат општествените стереотипи за нив, за да се намали и дискриминаторскиот однос кон нив, без да бидат загрозени и нивните права кои произлегуваат од Меѓународната конвенција за граѓански и политички права, Европската конвенција за човековите права и Рамковната директива за еднаквост на ЕУ од 2000 година.

С.М.