/ Прочитано:

4.194

ДЕБАТА ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ПРАВОСУДСТВОТО: Можноста адвокатите и професорите да бидат судии ќе значи многу за квалитетно судство

Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ денес организираше јавна дебата посветена на реформите во правосудството во Македонија, Србија и Црна Гора. Настанот беше организиран во соработка со Програмата за владеење на правото во Југоисточна Европа на фондацијата „Конрад Аденауер“ и ИПА н2 за механизмот на граѓанските организации. На настанот беше презентирана студија која ги анализира предвидените мерки за реформи во правосудството и нуди препораки за нивно усогласување со стандардите на Европската Унија.

Во насока на потребните реформи, професорката Ана Павловска Данева, која е и претседател на работната група за реформи во правосудниот сектор, истакна дека Стратегијата за реформи во правосудството е поднесена до ЕУ, а по добивањето на коментарите овој документ ќе се финализира и ќе биде усвоен од Владата.

Според Данева, најодговорен фактор за независноста на судството во Македонија е или треба да е Судскиот совет и затоа е потребна негова депрофесионализација, но и законски измени кои ќе подразбираат и воведување одговорност за членовите на Судскиот совет.

„Ние сме единствената држава во светот каде што не е предвидено во закон никаков критериум и вид одговорност на членови на Судскиот совет. Не постои основа за нивно отповикување. Тоа е проблем кој треба задолжително да се реши и да се предвидат критериуми, постапка и органи врз основа на кои ќе се утврдува евентуална одговорност на членови на Судскиот совет“, истакна Павловска-Данева.

Професорката подвлече и дека мошне важно прашање во Стратегијата е и влезот во судската професија преку создавање можност и правните професионалнци како што се адвокатите, судиите на Македонија во Стразбур или судските соработници со долгогодишно искуство да бидат судии. Адвокатите со долгогодишно искуство, посочи професорката, универзитетските професори или, пак, судските соработници треба да имаат таква можност. Таа додаде дека и во таа смисла, никој не ја спори Академијата за судии, туку само се нагласува оправданата можност за влез на овие категории во судиската професија.

Во врска со критериумот истакнат правник, Данева дополни дека не се работи  за критериум, туку, како што нагласи, за каучук растеглива норма, кој може и се злоупотребува. Овој критериум мора да се прецизира во смисла на тоа кој и под кои услови може да стане член на Судскиот совет.

И Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници посочи дека реформите во правосудството треба да се движат во насока на искористување на ресурсите претставени од долгогодишни адвокати и правни професионалци кои би требало да имаат можност да бидат дел од судството. Сакајќи да се направат едни реформи, истакна Коцевски, се  затвори можноста овие правни практичари кои имаат големо искуство да станат судии, што секако би било од значење и корист за правосудството.

Мирослав Драганов од Институтот за човекови права, кој е еден од авторите на анализата за реформите во правосудството во Македонија, Србија и Црна Гора, истакна дека реформите на регулативата за Судскиот совет се неопходни и дека во реформите во контекст на Академијата за судии и јавни обвинители мора да се гледа на суштината која значи каков квалитет на едукација обезбедува Академијата. Кога има квалитет, нагласи Драганов, има и интегритет, што е еден од клучните принципи за независно судство.

Претседателот на Судскиот совет на Македонија, Зоран Караџовски, рече дека за реформите на Судскиот совет е клучно да се извршат суштински измени во критериумите, начинот на оценување на судиите, што директно влијае врз понатамошната фаза за унапредување во кариерата, затоа што има недоречености во Законот за судови и Законот за Судски совет. Караџовски посочи дека тој  смета дека Судскиот совет нема да може квалитетно, навремено и ажурно да ја извршува својата работа доколку ова тело биде депрофесионализирано.

Тој додаде и дека со тоа што во Стратегијата за реформи се предвидува дел од судиите да се избираат на двоен начин и да се дозволи, освен досегашниот избор само од Академијата, влез на кандидати од редот на истакнати правници, професори и адвокати, го отвора прашањето за потребата од постоење на Академијата за судии и јавни обвинители.

На денешниот настан говореше и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, која се осврна на прашањето за вклученоста на граѓанскиот сектор во подготовката на Стратегијата за реформи во правосудството. Пировска нагласи дека клучно е прашањето за транспарентноста на законите и за тоа благовремено да се објавуваат текстовите на законите за да можат стручната јавност и граѓанските организации да даваат сугестии.

М.В