Дигитализацијата го подобрува процесот на добивање услуги за граѓаните и за институциите
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, на денешната прес-конференција ги претставија електронските услуги што ги нуди Агенцијата за вработување на порталот за е-услуги.
Министерот Манчевски презентираше како може да се добие образец М1 и М2 од пријава и одјава во задолжително социјално осигурување за само неколку минути.
Другите услуги што се достапни на порталот uslugi.gov.mk, а кои се во надлежност на Агенцијата за вработување, се: историјат на работни односи, потврда за евидентирано друго лице кое бара работа, потврда за евидентирано невработено лице, пријава и одјава во задолжително социјално осигурување и пријава за потреба од работник.
Дополнително, како што посочи министерот Манчевски, на порталот можат да се добијат информации за 744 услуги, со сите податоци околу постапката за нивно издавање, за потребните документи, за времето за издавање и за процедурата за жалба доколку има некаков проблем. На овој начин граѓаните веќе нема да се соочуваат со ситуации во кои повеќе различни институции кажуваат различни информации во однос на тоа што сѐ е потребно за да се добие една услуга.
Директорката Јовановска се осврна на тоа дека со порталот за е-услуги им се олеснува работата на вработените и се намалуваат редовите за чекање на шалтерите во Агенцијата за вработување.
„Ќе настојуваме во иднина да се овозможи и други услуги да се добиваат електронски. Прво, би сакале на работодавачите да им овозможиме подигнување на списоци на вработените лица коишто ги имаат во нивните фирми, како и издавање на потврди за нивните вработени. Исто така, работиме на тоа целосната реализација на активните мерки за вработување да се одвива електронски. На овој начин ќе ја зголемиме и транспарентноста и довербата во процесот на поднесување на барања и вршењето на селекција“, истакна Јовановска.