/ Прочитано:

1.224

ДИК ги добила парите за спроведување на изборниот процес

Во моментов се врши проверка на податоците во секоја од базите, по што податоците ќе бидат префрлени во единствен сервер на Државната изборна комисија, на кој ќе се вршат вкрстените проверки.

Izbori-1

Државната изборна комисија на 16 февруари ги добила бараните пари од Министерството за финансии за да можат целосно да бидат спроведени сите активности поврзани со изборниот процес. Ова е наведено во денешното соопштение на ДИК.

Покрај тоа, оттаму наведуваат дека Комисијата ги има донесено сите потребни акти за постапката за проверка и ажурирање, како и целосен пристап, вршење промени и бришење податоци во Избирачкиот список.

„Четворицата консултанти за информатичка технологија, предложени од четирите најголеми политички партии, и еден меѓународен консултант, ангажиран од ИФЕС, кој ја координира работата, го извршија вчитувањето на податоците во една единствена база и нивно стандардизирање и оптимизирање во потребен формат. Во моментов се врши проверка на податоците во секоја од базите, по што податоците ќе бидат префрлени во единствен сервер на Државната изборна комисија, на кој ќе се вршат вкрстените проверки“, стои во соопштението од ДИК.

Во меѓувреме, тимот на консултанти подготвува предлог-листа на прашања за тестовите за вкрстените проверки, кои веднаш ќе бидат усвоени од Државната изборна комисија. Тимот на консултанти ќе подготви финален извештај и ќе го презентира пред Државната изборна комисија, а откако ќе биде усвоен од страна на ДИК, ќе отпочнат со работа трите ИТ-компании кои ќе ја извршат вкрстената проверка на базите на податоци, велат од Комисијата.

Државната изборна комисија врши и кадровско екипирање.

„Целосно е спроведен огласот за вработување лица во одделенијата за избирачки список и за информатичка технологија. Со оглед на тоа дека не се пријавија доволен број кандидати, огласот за пополнување на работни места во секторот за ИТ ќе биде делумно повторен. Во тек е и постапката за вработување на 11 лица во правната служба на Државната изборна комисија и во нејзините подрачни одделенија“, се наведува во соопштението на ДИК.