/ Прочитано:

1.214

ДИК СЕ ПОДГОТВУВА: По вкрстената компјутерска проверка, тимови на Комисијата ќе вршат теренска проверка на Избирачкиот список

„Во моментов, во тек е процесот на стандардизирање, нормализирање и валидизација на податоците од базите. Овој процес го вршат консултанти за ИТ, ангажирани од ДИК, а предложени од четирите најголеми политички партии. Нивната работа ја координира меѓународен експерт за ИТ ангажиран од ИФЕС“

izbori-2-e1361976322957.jpg

Државната изборна комисија се подготвува за прочистувањето на Избирачкиот список, покрај преку компјутерската вкрстена проверка на податоците од базите на 10 државни институции, и преку теренската проверка на спорните податоци кои ќе произлезат откако ќе заврши компјутерската проверка.

Членот на ДИК, Субхи Јакупи, за Академик вели дека компјутерската проверка ќе се врши под надзор на еден меѓународен експерт, претставници на четирите најголеми политички партии и експерти за ИТ кои беа избрани за компјутерската проверка на избирачкиот список.

„Никој не може да предвиди колку време ќе трае оваа проверка, но ДИК е подготвена за понатамошната, односно теренска проверка која треба да биде спроведена по завршувањето на компјутерската проверка. Во неа ќе учествуваат тимовите на ДИК од подрачните одделенија и анкетар од Државниот завод за статистика со цел да бидат проверени податоците што е можно попрецизно“, вели Јакупи.

Од Државната изборна комисија велат дека веќе се добиени 10 бази на податоци од соодветните институции и тие се вчитани во серверот на ДИК.

Институциите чии податоци ќе треба да се вкрстат се: Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Управа за водење на матични книги, Управата за јавни приходи, Министерството за земјоделство – листа на приматели на земјоделски субвенции, Министерство за труд и социјална политика – листа на приматели на социјална помош и Народната банка на Република Македонија.

„Во моментов, во тек е процесот на стандардизирање, нормализирање и валидизација на податоците од базите. Овој процес го вршат консултанти за ИТ, ангажирани од ДИК, а предложени од четирите најголеми политички партии. Нивната работа ја координира меѓународен експерт за ИТ ангажиран од ИФЕС“, велат од ДИК.

По комплетирањето на споменатиот процес, ќе следува изготвувањето и усвојувањето на тестови за вршење на вкрстените проверки, по што ќе отпочнат и вкрстените проверки.

Од ДИК потенцираат дека во Комисијата постои согласност дека целиот процес мора да се заврши квалитетно за да се зајакне довербата во изборите кај сите учесници во процесот.

Датумот за избори сè уште е 24 април, како датум кој беше определен со Договорот од Пржино кој го потпишаа најголемите политички партии во земјава: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.