/ Прочитано:

1.403

ДИК со јавен повик до спорните гласачи – да се пријават лично или преку интернет

На овој начин Комисијата треба да изврши проверка на 39 502 лица кои се водат како спорни записи во Избирачкиот список.

Избори, гласање

Државната изборна комисија ги повикува граѓаните за кои има несовпаѓање во Избирачкиот список да се пријават во Комисијата за да го докажат своето право на глас.

„Се повикуваат сите граѓани чиишто записи во Избирачкиот список, по извршените вкрстени и теренски проверки, се утврдени како спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список, во периодот од 26 јули до 19 август 2016 година да се пријават во Државната изборна комисија за да може да се запишат во Избирачкиот список“, се наведува во јавниот повик на ДИК.

Списокот на граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список е објавен:

– на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија: www.sec.mk;

– во подрачните одделенија на Државната изборна комисија и

– во месните канцеларии на Министерството за правда – Управа за водење на матични книги.

Пријавувањето може да се изврши лично во подрачните единици на Државната изборна комисија или електронски преку посебна апликација, поставена на веб-страницата на Државната изборна комисија www.sec.mk.

На овој начин Комисијата треба да изврши проверка на 39 502 лица кои се водат како спорни записи во Избирачкиот список.

ДИК објави и Кодекс за набљудување на процесот за пријавување на граѓани чии податоци во Избирачкиот список, по спроведените административни и теренски проверки, се утврдени како спорни, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список, кој се однесува на набљудувачите од четирите најголеми партии во земјава.