/ Прочитано:

3.823

Довербата помеѓу клиентот и адвокатот е клучна и за обезбедување на правичното и фер судење

Прашањето за довербата помеѓу адвокатот и клиентот е едно од прашањата кои ги елаборира Советот на адвокатски комори и правни здруженија во својот последен информативен билтен.

Довербата помеѓу адвокатот и клиентот е клучна за вршењето на адвокатската професија, како од аспект на заштита на правата и интересите на клиентот така и од аспект на успешноста на адвокатот како бранител на тие интереси, истакнува Советот на адвокатски комори и правни здруженија.

Довербата на клиентот во адвокатот е претпоставка за ефективноста на одбраната на неговите права. Предуслов за градење на довербата е обезбедувањето на доверливоста на податоците за клиентот од страна на адвокатот. Исто така, неопходна е и доверливост за самиот предмет. Адвокатот мора да ја одржи доверлива комуникацијата со клиентот, што не претставува само негова законска обврска, туку претставува и етичко прашање.

Советот на адвокатски комори и правни здруженија посочува дека довербата помеѓу клиентот и адвокатот е клучна и за обезбедување на правичното и фер судење. Тоа, подвлекуваат од Советот, не само што претставува право на клиентот туку е признаено и гарантирано право на граѓанинот да има доверлива и заштитена  комуникација со својот застапник и бранител на неговите права.

Право и должност на адвокатот е да ја заштити тајноста во предметот доверен од клиентот и да ја почитува професионалната тајна, се нагласува и во Повелбата за основните начела на европската правна професија донесена од Советот на адвокатски комори и правни здруженија.

„Суштината на адвокатската професија и функција е дека клиентите му го доверуваат и му го откриваат на адвокатот она што не би им го рекле на другите – најинтимните лични податоци или највредните деловни тајни. Адвокатот треба да ги добива овие информации врз основа на довербата. Нема доверба без гаранција за доверливоста. Тоа не е само должност на адвокатот туку е и основно човеково право на клиентот“, се посочува во Повелбата, во која се говори и за избегнувањето на судирот на интереси меѓу различни клиенти или меѓу клиентот и адвокатот.

За да ја извршува својата професија прописно, се вели во Повелбата, адвокатот мора да го избегнува судирот на интереси. Значи, адвокатот не треба и не може да застапува двајца клиенти во ист предмет, доколку постои конфликт или доколку адвокатот е во конфликт со клиентот.

Лојалноста кон клиентот е сржта на адвокатската улога. Клиентот мора да биде во можност да му верува на адвокатот како на свој советник и застапник. За таа цел адвокатот мора да биде независен, да го избегнува судирот на интереси и да ја чува довербата на клиентот.

Во однос на довербата и правичното судење, од Советот на адвокатските комори и друштва на Европа истакнуваат дека адвокатот никогаш не смее свесно да дава лажни информации пред судот, ниту пак да лаже трети страни во извршувањето на своите професионални активности.

Советот на адвокатски комори и правни здруженија упатува и на членот 6 од Европската конвенција за човековите права, во кој се вели дека секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

„Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сè додека неговата вина не се докаже по законски пат и, во таа насока, секој обвинет ги има следните минимални права: веднаш, на јазикот што го разбира, да биде детално известен за природата и причините на обвинението подигнато против него; да му се обезбедат време и услови неопходни за подготвување на неговата одбрана; да се брани самиот или со помош на бранител по свој избор, а доколку не располага со средства да плати бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата“, се пропишува во членот 6 од Конвенцијата.

Обвинетиот, се вели во истиот член, има право самиот да ги сослуша или да бара сослушување на сведоците на обвинението и да бара повикувањето и сослушувањето на сведоците на одбраната да биде под услови што важат и за сведоците на обвинението и да користи бесплатна помош од преведувач, доколку не го разбира или не го зборува јазикот на кој се одвива судењето.

Улогата на адвокатот како застапник од доверба е елаборирано и во Мислењето бр. 16 на Советот на европските судии за односот помеѓу судиите и адвокатите.  Улогата на адвокатот, се вели во ова мислење, без оглед дали е ангажиран од поединец, од корпорација или од држава, е улога на советник и застапник од доверба, професионалец кој ужива почит од трети лица и кој е неопходен учесник во праведното делење правдата.

„Олицетворувајќи ги сите овие елементи, адвокатот кој верно им служи на интересите на својот клиент и кој ги штити неговите права, воедно ја извршува и функцијата на адвокат во општеството – а таа е: да пресретнува и да превенира конфликти, да се грижи конфликтите да се решаваат во согласност со прифатените начела на граѓанското, јавно и кривично право и, со должно почитување на правата и интересите, да го унапредува развивањето на законите и да ги брани слободата, правдата и владеењето на правото”, се истакнува во Мислењето на Советот на европските судии.

M.В