/ Прочитано:

2.475

ЏЕС БЕЈЛИ: Во изминативе 15 години САД имаат вложено 55 милиони долари за зајакнување на правосудниот систем во Македонија

„Актуелната политичка криза во земјава отвори сомнеж за злоупотреба на власта и за можно криминално однесување, комбинирано со обвинувања за мешање во судските и обвинителските постапки. Како одговор на кризата, четирите најголеми партии се согласија, а Собранието едногласно го изгласа формирањето на независната институција Специјално јавно обвинителство. Дали ќе биде успешно СЈО во спроведувањето на непречени и професионални истраги со поддршка од сите институции во земјава, ќе биде тест за владеењето на правото во земјата“, вели Бејли.

Џес Бејли, Амбасадор на САД во Македонија

Амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, преку порака на официјалниот фејсбук-профил на Амбасадата на САД во РМ одговара на неколку обвинувања насочени кон САД. Во својата изјава Бејли наведува дека САД го поддржуваат владеењето на правото во земјава.

„Ние сме многу отворени за нашите програми и за нашата вклученост во Македонија. Во изминатите 15 години Владата на САД има придонесено со повеќе од 55 милиони долари за развој на капацитетите на македонските судови, судии, обвинители, адвокати  и на полицијата со цел тие да станат професионални, транспарентни, ефикасни и кредибилни. Повеќе од 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 адвокати и повеќе од 2 000 полицајци имале корист од овие наши напори“, вели Бејли во пораката.

Тој наведува дека во Американската амбасада преку македонските медиуми често слушаат за приказни на заговор, поврзани со мешањето на САД во домашната политика на Македонија, но веруваат дека граѓаните, како и тие, ја препознаваат апсурдноста на таквите обвинувања. Сепак, вели Бејли, чувствувам потреба да потенцирам неколку работи поврзани со владеењето на правото.

„Актуелната политичка криза во земјава отвори сомнеж за злоупотреба на власта и за можно криминално однесување, комбинирано со обвинувања за мешање во судските и обвинителските постапки. Како одговор на кризата, четирите најголеми партии се согласија, а Собранието едногласно го изгласа формирањето на независната институција Специјално јавно обвинителство. Дали ќе биде успешно СЈО во спроведувањето на непречени и професионални истраги со поддршка од сите институции во земјава, ќе биде тест за владеењето на правото во земјата“, вели Бејли.

Во однос на улогата на САД во воспоставувањето правна одговорност, тие го поддржуваат СЈО со обуки и помош исто како што ги имаат поддржано и судскиот систем, јавното обвинителство и полицијата уште од осамостојувањето на Македонија, вели Бејли. Ова, според него, ја претставува нивната посветеност за владеењето на правото и за помош на македонските граѓани за решавање на политичката криза, за развој на силни демократски институции и за придвижување на земјата кон нејзиниот пат за членство во ЕУ и во НАТО, и таквата посветеност ќе остане.