/ Прочитано:

2.169

Една тужба – корист за илјада потрошувачи

Организациите за заштита на потрошувачите во Србија и во Македонија сметаат дека законската регулатива која се однесува на заштита на потрошувачите мора да предвидува и можност за колективна тужба со што би се овозможило многу побрза и поефикасна заштита на потрошувачите и полесен надомест на штета. Вака како што е сега, како што потенцираат организациите за заштита на потрошувачите, не постои механизам со кој граѓаните би биле обесштетени. Секој граѓанин,  на кого му е нанесена штета, мора поединечно, односно индивидуално да поведува судска постапка и да бара надомест на штетата. Доколку во некоја од европските земји би се случила повреда на правата на поголема група потрошувачи, на пример, во случај на зголемување на цената на струјата без претходна најава и образложение, сигурно граѓаните индивидуално нема да стојат со денови по шалтерите и да се обидуваат да го решат проблемот. За ваков проблем тие имаат можност да поднесат колективна тужба и имаат можност да добијат надомест на штетата.

Враќањето на колективната тужба во правниот систем на Србија, како што е впрочем и во другите европски земји, би овозможило многу побрза и поефикасна заштита на потрошувачите и полесен надомест на штета.

Сѐ поизвесно е дека во прописите за заштита на потрошувачите во Србија би можело наскоро повторно да биде вратена колективната тужба, која е исфрлена од Законот за заштита на потрошувачите во 2014 година, по што земјата се врати неколку чекори назад, кога станува збор за заштита на потрошувачите.

Организациите за заштита на потрошувачите, во текот на целиот овој период, често потенцираа дека доколку потрошувачите имаат можност за поднесување колективна тужба, значително би се подобрила положбата на српските граѓани, бидејќи како што посочуваат, на српскиот пазар има сѐ повеќе примери за кршење на правата на поголеми групи потрошувачи. Најчесто станува збор за незадоволство од договорите со кабелски оператори или мобилна телефонија, продажба на туристички аранжмани, небезбедна храна или, пак, во случај на зголемување на цената на комуналните услуги без претходна најава и образложение.

Правниот застапник на Националната организација на потрошувачите на Србија (НОПС), Младен Алфировиќ, вели дека вакви примери се веќе секојдневје во земјата.

„На овој начин, потрошувачите се соочуваат со материјална штета. Моменталното решение за колективна заштита на потрошувачите во нашиот Закон е управна постапка која по службена должност или, пак, по пријава на некоја од организациите за заштита на потрошувачите ја води Министерството за трговија на Република Србија. Досега се поведени неколку вакви постапки“, вели Алфировиќ, појаснувајќи како изгледа тоа во практика.

Организацијата која смета дека одреден трговец ги прекршил правата на поголем број потрошувачи (најмалку десет), поднесува иницијатива до Министерството за трговија. Доколку оваа институција утврди дека постои правна основа, поведува постапка во која се сослушуваат и едната и другата страна и носи решение со кое се потврдува или отфрла повреда на колективен интерес. Доколку со решението е потврдена повреда на колективен интерес, тогаш Министерството за трговија налага одредени мерки кои главно се сведуваат на тоа во одреден период трговецот да ги отстрани утврдените неправилности во своето работење.

„Не постои механизам со кој потрошувачите би биле обесштетени. Секој граѓанин,  на кого му е нанесена штета, мора поединечно, односно индивидуално да поведува судска постапка и да бара надомест на штетата. Доколку во некоја од земјите во Европа би се случила повреда на правата на поголема група потрошувачи, на пример, во случај на зголемување на цената на струјата без претходна најава и образложение, сигурно граѓаните индивидуално нема да стојат со денови по шалтерите и да се обидуваат да го решат проблемот. За ваков проблем тие имаат можност да поднесат колективна тужба и имаат можност да добијат надомест на штетата“, вели Алфировиќ.

Позитивен пример за прва колективна тужба, како што нагласува Алфировиќ, е онаа што дури пред дваесетина години ја поднесе Организацијата на потрошувачи на Португалија, ДЕКО.

„Организацијата ДЕКО поведе прва колективна тужба против еден оператор за мобилна телефонија и извојува победа во судот бидејќи наплаќал разговори кои граѓаните не ги направиле. Епилогот од тој случај беше што сите граѓани на Португалија телефонирале бесплатно цел месец. Токму затоа, Националната организација на потрошувачите на Србија се залага за измени на Законот за парнична постапка и Законот за заштита на потрошувачите, со цел колективната заштита и обесштетувањата да се вратат во нашиот правен систем. Од овие причини, НОПС се вклучи и во регионалниот проект ‘Унапредување на колективното обесштетување на потрошувачите во Југоисточна Европа’, чија цел е јакнење на регионалната соработка токму во оваа област“, велат од НОПС.

Сосема исто како и во Србија, и во македонското законодавство не постои можност за колективна тужба од страна на поголем број потрошувачи. Во дел III-б, Колективната заштита на потрошувачите од Законот за заштита на потрошувачите (членови 31-ж, 31-з, 31-м, 31-н), законодавецот не го регулира целосно прашањето на застапување на колективните интереси на потрошувачите од страна на здруженијата на потрошувачите.

„Според член 31-ж, Владата на Република Македонија, по предлог на министерот за економија, со акт ги определува овластените тела кои имаат заеднички интерес за заштита на потрошувачите. Ваков акт не е донесен, па оттука под знак прашалник е применливоста на алинеја 10 од член 128, каде што е утврдено правото на здруженијата на потрошувачите да ги застапуваат интересите на потрошувачите во колективните спорови пред надлежните судови. Дополнително, наведената алинеја не ја покрива можноста здруженијата на потрошувачите да ги застапуваат колективните интереси на потрошувачите пред управните органи, како и во постапки за спогодбено решавање на споровите за заштита на колективните интереси. Законот не ја утврдува стварната и месната надлежност на судот за спорови за заштита на колективните интереси, ниту, пак, начинот на финансирање на овие активности. Оттука може да се заклучи дека правната рамка не обезбедува соодветна основа за вклучување на здруженијата на потрошувачите во заштитата на колективните интереси на потрошувачите. Освен тоа, Директивата на Европската Унија од 2009 година за управни судски мерки и колективно застапување на интересите на потрошувачите не е целосно транспонирана во Законот за заштита на потрошувачите. Токму затоа, бараме да се донесе нов Закон за заштита на потрошувачите во чии одредби ќе биде регулирано и ова исклучително важно прашање“, вели правниот советник во Организацијата за заштита на потрошувачите, Иво Костовски.

А. Б.