ЕСЕ: Јавноста од година во година има сè поограничен пристап до информации за работењето на јавните институции
„По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја информираме јавноста дека Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер не функционира повеќе од една година поради одложување на изборот на членови на Комисијата и пролонгирање на процесот на трансформација на Комисијата во Агенција. Со ова се крши основното човеково право за пристап до информации од јавен карактер, загарантирано со членот 16 од Уставот на Република Северна Македонија и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
„Со цел нормално функционирање на овој значаен механизам за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер инициравме петиција за собирање потписи, со која бараме од Собранието на РСМ да го забрза процесот на трансформација на Комисијата и во најкраток можен рок да именува директор и заменик-директор на Агенцијата, со што ќе создадат основни услови за нејзино работење.
Потпиши ја петицијата на следниот линк https://bit.ly/2oTUtBb и заштити го своето право за пристап до информации од јавен карактер“, додаваат од ЕСЕ.
По речиси 13 години од донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, граѓаните, граѓанските организации и новинарите сè уште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер, а пак јавните институции се сè позатворени за јавноста.
„Јавните институции, особено оние на национално ниво, не објавуваат информации за своето програмско и буџетско работење, а пак во официјална постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер обезбедуваат нецелосни податоци. Информациите кои се достапни за јавноста често се воопштени и се прикажани во форма која не е разбирлива за граѓаните. Во бирократските постапки за пристап до информации од јавен карактер, јавните институции ги користат законските недоречености и ја избегнуваат должноста за обезбедување на детални и прецизни податоци.
Бројот на жалби поднесени во последните три години (2016, 2017 и 2018 година) поради повреда на правото на слободен пристап до информации е 1.999, од кои речиси 70% се жалби поради молчење на јавната администрација. Недостигот на проактивност кај јавните институции пак се потврдува со фактот дека во последните три години (2016, 2017 и 2018 година) биле поднесени 26.385 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, за разлика од претходните три години (2013, 2014 и 2015 година) кога биле поднесени 14.360 барања“, истакнуваат од Здружението.
Во таа насока, а со цел унапредување на пристапот до информации со кои располагаат јавните институции во Република Северна Македонија, ЕСЕ бара од Владата на Република Северна Македонија:
- Да ги задолжи сите јавни институции да ги објават основните буџетски и програмски документи, како: стратегија за работа, годишни програми, буџетски календар, предбуџетска изјава, граѓански буџет, предлог-буџет и усвоен буџет, предлог-измените и усвоените измени и дополнувања на буџетот, буџетски документи во отворен формат (xml и excel), месечни извештаи за извршување на буџет, полугодишен извештај за извршување на буџет, завршната сметка на буџетот, ревизорскиот извештај, податоци за лицето назначено за посредување за информации од јавен карактер и листата на информации од јавен карактер и
- Да подготви и да усвои стратегија за транспарентност на работењето на јавните институции, со која ќе осигури јакнење на капацитетите на јавните институции за континуирано објавување на информации за своето програмско и буџетско работење и ќе воспостави механизам за континуирано следење на обемот и видот на информации кои ги споделуваат јавните институции.