/ Прочитано:

915

Мислења во врска со објавените списоци со лични податоци во „Службен весник на РСМ“

Во врска со објавувањето на Одлуката на Владата за исплата на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, по основ на правосилни одлуки на Европскиот суд за човекови права во „Службен весник на РСМ“ бр. 39/2024, во која се содржани списоци на над 500 наши граѓани на кои треба да им се изврши исплатата со нивното име и презиме, нивните матични броеви и броевите на трансакциски сметки во банка, побаравме мислење од лица и организации кои работат во областа на заштитата на личните податоци.

Арбен Гудачи, експерт во областа на заштитата на личните податоци:

Објавувањето на личните податоци (име и презиме, ЕМБГ и трансакциска сметка) во Одлуката на Владата на нашата земја несомнено претставува повреда на Законот за заштита на личните податоци, конкретно член 83 со кој се уредува начинот на обработка на ЕМБГ, а особено член 83 став 6, кој утврдува должност да се води сметка ЕМБГ да не биде непотребно видлив или печатен. Во овој случај апсолутно нема никаква потреба истиот да биде објавен, ниту пак има законска основа да се објави. Понатаму, во однос на објавувањето на сите други податоци дополнително се соочуваме со повреда на член 9 од Законот за заштита на личните податоци, каде се утврдени начелата за обработка на податоците, т.е. објавување на личните податоци во овој случај. Недоставува законска основа за објавување на овие податоци, нема утврдена цел за објавувањето на податоците, ниту пак се обрнува внимание да бидат заштитени податоците при самото објавување, односно да се анонимизираат, имајќи ја предвид нивната сензитивност.

Секако дека извршувањето на пресудите на ЕСЧП несомнено е комплексен процес, но имајќи предвид дека тие претставуваат резултат на повреда на човековите права од страна на државата, апсурдно е при извршувањето на истите повторно да се прави флагрантно прекршување на човековите права (правото на заштита на личните податоци е уставно загарантирано право во нашата земја и во европското законодавство). Ако почитувањето на човековите права и воопшто на законите не можеме да го очекуваме од самата власт/државни институции, што останува за останатите чинители во општеството?

Во однос на реперкусиите спрема лицата чии податоци се објавени, во прв план секако тука е можноста/неможноста податоците да бидат целосно избришани. При ова прекршување на прописите за заштита на лични податоци многу е мала можноста за корективни мерки, единствено можеби е можно повлекување на изданието на Службен весник во електронска верзија, но имајќи предвид дека Службениот весник е веќе многу пати „симнат“ и прочитан од многу лица, а со тоа и зачуван е сет на лични податоци со кои физичките лица несомнено се идентификуваат, оваа грешка е непоправлива. А, дополнително, и хартиената верзија на Службен весник веќе би требало да е дистрибуирана низ нашата земја.

Покрај тоа, имајќи предвид дека објавените лица ја тужеле државата пред ЕСЧП, можеме да речеме дека објавувањето на нивните имиња може да води кон нивна дискриминација. Дополнително, имајќи предвид дека во последно време имавме многу злоупотреба на лични податоци преку кои се подигнуваа разни брзи кредити, ваквото објавување на податоци го зголемува ризикот податоците да бидат цели на такви злоупотреби.

Се на се, сметам дека направен е голем пропуст при ваквата објава, огромна повреда на Законот за заштита на личните податоци, нешто што не смее да се случи, имајќи предвид дека во нашта земја се применува закон за заштита на личните податоци од 2005 година. Направени се многу супервизии, инспекции и обуки на државните органи, така што сметам дека вакво нешто не смеело да ни се случи, ниту пак смее да ни се случи во иднина.

 

Елена Стојановска, експерт во областа на заштитата на личните податоци:

Ваквиот начин на објавување на лични податоци несомнено е спротивно на Законот за заштита на личните податоци, односно, основните принципи за заштита на личните податоци. Пред се, тешко е да се утврди која би била правната основа за објавувањето на овие податоци, особено во ситуација кога тоа не е предвидено со закон. Ова значи дека првиот принцип, правичноста на обработката на личните податоци не е испочитуван.

Потоа, принципот на минимален обем на податоци не е испочитуван ниту од институцијата која ја носи одлуката и ја има обврската да ја објави ниту пак од оној кој ја објавува. Списокот на кој се видливи бројот на пресудата, датумот на нејзиното носење, името и презимето, износот на оштетата, ЕМБГ, трансакциската сметка и банката во целост може и треба да биде даден на оние кои треба таа одлука да ја извршат, во законски определена процедура. Oбјавувањето на одлуката требало да биде извршено со делумно анонимизирање на личните податоци до степен да лицата не можат да бидат директно идентификувани, а сепак да биде постигната целта на јавно објавување на одлуката.

Она што особено загрижува е впечатокот дека институциите не ја ставаат заштитата на личните податоци на граѓаните на приоритетно место и дека ниту Владата ниту пак Службен весник не процениле дека е ова активност за која задолжително треба да побараат совет од офицерите за заштита на личните податоци. Во овој случај можеме да зборуваме за поделена одговорност, Владата е одговорна за непреземање на технички мерки за анонимизација на списокот за цели на јавно објавување пред неговото испраќање, а Службен весник за тоа што (најверојатно) не проценил  дека треба да искомуницира со Владата за да се преземат мерките за анонимизација откако веќе го добил списокот.

Иако пристапот до Службениот весник е ограничен на оние кои се претплатени и оние кои го добиваат по службена должност, самиот факт што по една година од објавувањето изданијата стануваат јавно достапни е доволен за да може да го третираме овој случај како објавување за целата јавност.

 

Мартина Дранговска Мартинова, Македонско здружение на млади правници:

Изразуваме загриженост дека е нарушена безбедноста на личните податоци на над 500 граѓани и отворена е можноста за нивна злоупотреба. Службениот весник на РСМ е службено гласило достапно во електронска и печатена верзија на голем број лица. Оттука, можно е со самото објавување на податоците веќе да е направена неповратна штета по безбедноста на личните податоци, со оглед на тоа дека примерокот од весникот кој ги содржи личните податоци веќе е достапен во електронска или печатена верзија за лицата кои имаат пристап до него. Неможноста личните податоци целосно да се избришат е сериозна закана за „правото да се биде заборавен“, а самото објавување се коси и со начелата на интегритет и доверливост при обработка на личните податоци. Особено проблематично е објавувањето на матичните броеви на граѓаните, личен податок кој ужива дополнителна заштита согласно законот според кој не смее да биде непотребно видлив и печатен, а дотолку повеќе јавно објавен. Засегнатите граѓани имаат право да поднесат барање до Агенцијата за заштита на личните податоци за противзаконското објавување на нивните податоци, која пак, има обврска да спроведе вонредна супервизија, односно контрола над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци. Граѓаните понатаму правдата може исто така да ја бараат и во судска постапка, односно во постапка за надомест на штета и во кривична постапка доколку настане злоупотреба на личните податоци. Ние ја известивме АЗЛП за ова прекршување и се надеваме на брз одговор, со оглед на тоа дека ова претставува сериозна закана по човековите права на граѓаните кои се засегнати.

 

 

Објавени списоци со лични податоци