/ Прочитано:

2.952

Финансиските средства од ИПАРД 2-програмата треба да се искористат ефикасно и транспарентно

На завршната конференција од проектот за јакнење на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за програмскиот период 2014-2020, генералниот заклучок од страна на учесниците е дека финансиските средства од ИПАРД 2–програмата треба да се искористат ефикасно и да постои целосна транспарентност за трошењето на овие средства.

На денешниот настан присуствуваше и амбасадорот на Република Словенија во нашава земја, Милан Јазбец, кој истакна дека институциите мора да ја подготват потребната документација, како и регуларно да ги спроведат процедурите и на крајот од целиот процес да овозможат парите од ИПАРД 2-програмата да дојдат до вистинските корисници.

„Најважно од сè е како парите правилно да се искористат, но пред сè, мора да постои одлично направен проект“, нагласи амбасадорот Јазбец.

Претставникот од Амбасадата на Холандија, Андри Ван Менс, потенцираше дека земјоделството во Македонија има огромен потенцијал, но како што посочи, за негово искористување од особено значење е улогата на Платежната агенција.

„Оваа агенција мора да има капацитет за повлекување на средствата од фондовите на Европската Унија. Начинот на искористување на европските пари мора да биде транспарентен“, истакна Ван Менс.

Според министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, главен приоритет на актуелната Влада е максимално и транспарентно искористување на финансиите од ИПАРД-програмата, за чија цел, како што потенцираше, е изготвен Акциски план за зајакнување на административните капацитети, а интензивно се ангажираат и меѓународни експерти за што поквалитетни советодавни услуги.

Веќе е воспоставен и гарантен фонд, појасни министерот, кој, како што рече, ќе им помогне на корисниците за предфинансирање на инвестициите.

„За целосно искористување на потенцијалите од земјоделството, од исклучителна важност е едукацијата на земјоделците за значењето на мерките од ИПАРД- програмата. Сето тоа ќе помогне за доближување на македонското до европското земјоделство, како и за создавање на конкурентни производи со висока додадена вредност“, посочи Николовски.

Според Николче Бабовски, директор на македонската Платежна агенција, сите досегашни проекти се со цел усвојување на искуствата на другите земји, подобрување на административните капацитети, како и усогласување на македонското со европското законодавство. Бабовски нагласи дека нема да се прави класично препишување на регулативата, туку таа ќе биде приспособена во согласност со условите во Македонија.

На огласот во април 2017 година за ИПАРД 2-програмата, информира директорот, доставени се повеќе од 1400 апликации. Се очекува првите договори да бидат склучени во февруари идната година, а прогнозите се дека 100 проценти од средствата што се реализираат преку Платежната агенција, вкупно 3,7 милиони евра, ќе бидат искористени.

А.Б.