Граѓаните гласаа „за“ и Каталонија има право на независност, објавија каталонските власти
Владата на Каталонија соопшти дека 90,9 отсто од граѓаните гласале за независност на Каталонија од Шпанија на референдумот кој се одржа вчера и кој беше проследен со сериозни инциденти. Се говори за бројка од над 850 повредени лица при судирите со полицијата. Каталонските власти тврдат дека шпанската полиција затворила 319 од околу 23.000 гласачки места каде што може да гласаат околу 5,3 милиони гласачи.
„90 отсто од 2,26 милиони Каталонци кои гласаа во неделата заокружија ’за’ на гласачкото ливче за независност, осум отсто од гласачите ја отфрлиле независноста, а остатокот од гласачките ливчиња биле празни или неважечки. Се пребројуваат уште 15.000 ливчиња“, истакна портпаролот на регионалната влада на Каталонија, Жорди Турул.
„На овој ден на надеж и страдање, каталонските граѓани се стекнаа со право да имаат независна држава во форма на република“, изјави претседателот на Каталонија, Карлес Пучдемон.
Официјален Мадрид не ги признава резултатите од референдумот, негирајќи ја неговата легитимност. Според шпанскиот премиер Маријано Рахој, во Каталонија „не се одржал никаков референдум“. Шпанските власти велат дека според шпанскиот устав покраините сами не можат да распишат таков референдум, додека пак каталонската Влада истакнува дека референдумот е спроведен според Законот за осамостојување од Шпанија, изгласан од каталонскиот Парламент.
Во рамките на Кралството Шпанија, Каталонија има статус на автономна област, каде што покрај шпанскиот, службен јазик е и каталонскиот. Во Каталонија управува децентрализирана влада, а најголем и главен град е Барселона.
Низ историјата, Каталонците имале повеќе обиди за независност од Шпанија. Знамето на Каталонија го претставува и грбот на круната на Арагон, кој се состои од четири црвени ленти на златна заднина. Кралството Арагон управувало со Каталонија од 12 до 15 век, кога потпаѓа под влијанија и управување на шпанската круна и империја. Борбата на Каталонците за сопствена автономија и држава продолжила низ вековите, а за време на националните движења во Европа во 19 век во Каталонија особено се засилува националната свест за сопствената култура и национална посебност.
Првиот статус на автономија Каталонија го добива во 1931 година, сè до доаѓањето на власт на Франциско Франко чиј режим значително ги намалил правата на Каталонците. По смртта на Франко во 1975 година и со усвојување на демократскиот шпански устав во 1978 година, Каталонија ја обновува политичката и културната автономија. Денес, Каталонија е еден од најразвиените економски региони на Шпанија.
M.В