/ Прочитано:

3.401

Граѓаните масовно ја потпишуваат петицијата „Стоп за паркирање на тротоар“

Петицијата ја покрена Платформата – засилувач на гласот на граѓаните - Иницијатива „Мегафон“ и таа е директно упатена до Владата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, до ресорниот министер, Оливер Спасовски, како и до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Петицијата досега е потпишана од околу 1000 граѓани, а во неа е нагласен фактот дека паркирањето автомобили на тротоарите е незаконско.

Бројот на граѓани кои ја потпишуваат петицијата „Стоп за паркирање на тротоар“ од минута во минута се зголемува. Петицијата ја покрена Платформата – засилувач на гласот на граѓаните – Иницијатива „Мегафон“ и таа е директно упатена до Владата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, до ресорниот министер, Оливер Спасовски, како и до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Петицијата досега е потпишана од околу 1000 граѓани, а во неа е нагласен фактот дека паркирањето автомобили на тротоарите е незаконско.

„Ослободете ги тротоарите за пешаците. Со паркирање на тротоар се загрозува безбедноста на пешаците, пред сè, на најранливите групи како ученици, лица со посебни потреби, мајки со деца во количка, велосипедисти и повозрасни граѓани“, се вели во петицијата „Стоп за паркирање на тротоари“ на иницијативата „Мегафон“.

Иницијативата „Мегафон“ ги повикува Министерството за внатрешни работи и локалната власт да излезат од канцелариите и да се справат со овој проблем.

Инаку, според последните податоци на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, бројот на моторни возила во Македонија континуирано расте. Во последниве 5 години, бројот на регистрирани возила е зголемен за 20 отсто. Зголемениот број возила многупати возачите ги доведува во ситуација да не можат да најдат место за паркирање на својот автомобил, да паркираат непрописно или со паркирањето да попречат нечие возило.

Од друга страна, според Државниот завод за статистика, во Македонија се регистрирани вкупно 20.363 паркинг места, со што бројот на паркинг места е зголемен за речиси 4000, а најголем број е во делот на катните гаражи.

Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, паркирањето претставува проблем, но поголем проблем претставува одговорноста на возачите и нивното невнимание каде и како го паркираат возилото, независно дали во тој дел постои обележана паркинг површина или не.

РСБСП, со цел подигнување на сообраќајната свест и култура, а пред сѐ, за зголемување на безбедноста во сообраќајот, за возачите издвои неколку сегменти од Законот кои директно се поврзани со паркирањето и кои ќе ги потсетат возачите на нивните права и обврски, а на возачите-почетници ќе им помогне полесно да  ги разберат членовите и одредбите од ЗБСП.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, „паркирање на возило“ е прекин на движењето на возилото во траење подолго од три минути, освен ако прекинот се врши заради постапување според сообраќаен знак или правило со кое се регулира сообраќајот.

За таа намена, постои специјално наменето место за паркирање на возилата – „Јавно паркиралиште“ кое е  дефинирано како  посебно уреден и обележан простор наменет за паркирање на определен вид возила. Јавните паркиралишта можат да бидат надвор од површините опфатени со патиштата и улиците или на самите патишта и улици.

Во град Скопје и општините кои спаѓаат под него, според член 7 од Законот, сообраќајот на локалните патишта и улици се уредува во согласност со одредбите од овој закон.

На пример, ако во општина Аеродром не сте паркирани прописно, може да ви постават блокатор на возилото или пак, да го преместат непрописно запреното или паркирано возило. Воедно овластените лица, според член 7 од Законот, вршат надзор над: дотраени, оштетени и напуштени возила; над трактори, запрежни возила и возила што се вклучуваат во сообраќајот на патиштата од градилишта, надзор на сообраќајот во пешачките зони; организирање и дефинирање услови за доставување на стока; надзор над паркирање на возила на места на кои паркирањето е временски ограничено итн.

За движење на возила во пешачки зони, зони од посебно значење заради доставување на стока, како и во зони со ниски емисии на штетни гасови, општината односно градот Скопје издава одобрение.

Конкретно во градот Скопје, посебен проблем претставува непрописното застанување, узурпирање тротоар или пешачка патека, попречување на пешачки премини, запирање и паркирање на места наменети за инвалидизирани лица итн.

А. Б.