/ Прочитано:

895

ГРЕКО: Неприфатливо е Кодексот на однесување да е во рацете на заменик-премиер

ГРЕКО заклучува дека Северна Македонија на задоволително ниво спроведе четири препораки содржани во Извештајот за петтиот круг на евалуација. Од преостанатите препораки, девет се делумно имплементирани и десет не се имплементирани.

Поконкретно, препораките i, xi, xviii и xxiii се имплементирани на задоволително ниво, препораките ii-viii, xiv и xxi се делумно имплементирани и препораките ix, x, xii, xiii, xv, xvi, xvii, xix, xx и xxii не се имплементирани.

Во однос на највисоките извршни функции (лица кои вршат највисоки извршни функции), усвојувањето на новиот Етички кодекс за лица кои вршат највисоки извршни функции е за поздравување. Со него за прв пат се воведоа правила за интеракција на лица кои вршат највисоки извршни функции со лобисти и трети лица кои сакаат да влијаат на јавниот процес на одлучување. Ревизијата на владината Уредба за прифаќање подароци во јавните институции, вклучително и централната власт, како и изготвувањето на Практичниот водич со јасни индикации до лицата кои вршат највисоки извршни функции за тоа како да се идентификуваат судирите на интереси, исто така, претставуваат позитивни случувања. Членовите на Владата се обучени за Кодексот, за судирот на интереси и за други прашања кои се однесуваат на интегритетот.

Како негативна забелешка давањето на имплементацијата на Кодексот на однесување во рацете на заменик-премиер, кој има надлежност да истражува и да санкционира прекршувања и истовремено треба да обезбеди и доверливо советување и собирање докази за прекршувања на Кодексот, не е прифатливо и не е компатибилно со практиката на ГРЕКО.

Понатаму, загрижува постојаното отсуство на проценки на ризикот за интегритет и редовните процени на влијанието на мерките за интегритет во централната власт. Иако во буџетот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се внесени значителни финансиски ресурси, таа сѐ уште не е целосно функционална и не може правилно да ги извршува своите должности според законите кои се на сила во моментот. Посебна загриженост е значителниот број на судир на интереси и случаи на откривање на средства кои опфаќаат лица кои вршат највисоки извршни функции, обработени од ДКСК.

Понатаму, не изгледа дека е спроведена соодветна анализа на практичната примена на санкциите за судир на интереси и други повреди на интегритетот, ниту пак дека овој режим на санкционирање е ревидиран за да се обезбеди дека ги исполнува предусловите за ефективност, пропорционалност и обесхрабрување.

Во однос на агенциите за спроведување на законот (полицијата), позитивно е што информациите за буџетот, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност – една од најтајните владини структури, станаа подостапни на Интернет. ГРЕКО исто така го поздравува опсежното вклучување на полицискиот персонал на различни нивоа, синдикатите и граѓанското општество во изработката на новиот Етички кодекс за полициските сили. Кодексот нуди соодветно практично упатство за очекуваното етичко однесување и регулира прашања како што се судир на интереси, помошно вработување, пријавување на неетичко однесување итн.

Се преземаат подготвителни чекори за воведување на тестирање на интегритетот за лица кои влегуваат во полицијата, како и полициски персонал во текот на целата нивна служба. Надворешниот надзор на полициските сили од страна на Канцеларијата на Народниот правобранител и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција изгледа соодветен. Спротивно на тоа, останува да се изврши преглед на ранливостите и ризиците на корупцијата во полицијата и редовна евалуација и процена на влијанието на годишните 20 антикорупциски програми на полицијата.

Што е најважно, оперативната независност на полицијата треба да биде усогласена со стандардите на Советот на Европа за демократско полициско работење и нејзината деполитизација да биде обезбедена во закон и во пракса. Со оглед на горенаведеното, ГРЕКО забележува дека е неопходен понатамошен напредок за да се демонстрира прифатливо ниво на усогласеност со препораките во следните 18 месеци. Во согласност со Правилото 31, ревидирано bis, став 8.2 од неговиот Деловник, ГРЕКО го поканува шефот на делегацијата на Северна Македонија да достави дополнителни информации во врска со спроведувањето на неисполнетите препораки (ii-x, xii -xvii, xix-xxii) до 30 септември 2022 година.

ГРЕКО ги поканува властите на Северна Македонија што е можно поскоро да го одобрат објавувањето на овој Извештај, да го преведат на националниот јазик и јавно да го објават преводот.

Извештајот на ГРЕКО преведен и објавен на македонски јазик

М.В