/ Прочитано:

1.110

Хрватската влада направи измени во Правилникот за контрола при увоз на овошје и зеленчук

Во официјалното соопштение од хрватското министерство за земјоделство се наведува дека надлежното министерството го измени Правилникот за инспекциски надзор на овошје и зеленчук. Измената се однесува на надоместот за контрола на ускладеноста на производите со пазарните стандарди и изнесува 90 куни за секој поединечен вид овошје и зеленчук во рамки на контролите што ги спроведуваат земјоделските и фитосанитарните инспекции. Правилникот ќе биде објавен в петок, на 11 август 2017 година.

Министерот за земјоделство на Република Хрватска, Томислав Толушиќ, денеска донесе одлука за измена на Правилникот за фитосанитарна контрола при увоз на овошје и зеленчук од земји кои не се членки на Европската Унија, а според кој цените беа зголемени за дури 22 пати. Имено, со Правилникот беше предвидено цената за инспекцискиот надзор да изнесува по 2.000 куни, односно 270 евра, додека земјите членки на Европската Унија би плаќале само 90 куни или 12 евра.

Ваква одлука Толушиќ ја донесе откако земјите од Западен Балкан, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Македонија жестоко се спротивставија, а во понеделникот во Сараево одржаа и работна средба на која зазедоа заеднички став дека со Правилникот Хрватска ги прекршува основните начела и принципи на Светската трговска организација со кои се забранува  дискриминација меѓу домашните и странските производи во однос на давачките.

Со денешната одлука на Толушиќ за измена на Правилникот, цените за инспекцискиот надзор повторно се враќаат на 90 куни (12 евра).

Во официјалното соопштение од хрватското министерство за земјоделство се наведува дека надлежното министерството го измени Правилникот за инспекциски надзор на овошје и зеленчук.

„Со соседните земји е договорено од утре да нема трговски блокади на границите, а во натамошната соработка ќе се анализираат цените на инспекциските надзори во регионот за да се осигура заштитата на потрошувачите и конкурентноста на производителите на начин кој нема да влијае врз трговската размена. Наскоро очекуваме состанок за користењето агрохемиски средства кои не се дозволени во ЕУ, за што поскоро приспособување на земјоделците од регионот кон правилата на Унијата“, се вели во официјалното соопштение од хрватското министерство за земјоделство објавено денеска.

Секако, врвен приоритет на хрватското министерство за земјоделство, како што е нагласено, останува заштитата на потрошувачите, поради што најавува дека инспекциските контроли ќе се спроведуваат со ист интензитет.

„Секоја пратка на овошје и зеленчук во Хрватска мора и натаму да биде во согласност со општите пазарни стандарди – неоштетна, здрава, чиста, непрезреана и правилно означена, додека производите мора да издржат транспорт и ракување за на одредиштето да стигнат во задоволителна состојба: без штетници, несоодветен мирис или влажност“, посочува хрватското министерство за земјоделство.

А. Б.