/ Прочитано:

1.384

И имиња на познати македонски правници и професори по право ќе носат скопските улици

Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје.

„Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.

Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности, од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на Градот“, соопштуваат од Град Скопје.

Помеѓу имињата на истакнатите личности во листата се наоѓаат и имињата на познати македонски правници и професори по право:

Стеван Габер (19191999), учесник во НОБ, универзитетски професор. По ослободувањето ја извршувал функцијата обвинител на Град Скопје. Еден е од основоположниците на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и негов декан во периодот 1965–67 г., бил директор и на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, ректор на УКИМ, како и ректор на Универзитетот „Климент Охридски“. Автор e на бројни научни трудови од областа на правото, историјата и политичките науки.

Иво Пухан (1916–1999), универзитетски професор, во два мандати бил декан на Правниот факултет во Скопје и два мандати проректор на УКИМ. Автор е на голем број научни трудови од областа на правото и автор е на првиот универзитетски учебник по римско право на македонски јазик.

Томислав Чокревски (1934–2017), универзитетски професор, ректор на УКИМ, министер. Припаѓа на генерацијата либерали, членови на тогашниот СК, кои се залагале за демократски централизам, поголема самостојност на републиките, можност за критика на високите партиски функционери, своевиден партиски плурализам, демократизација на синдикатот, право на штрајк. Декан и редовен професор на Правниот факултет во Скопје. Професор и автор на мноштво научни трудови од областа на социологијата. Во периодот 1976–71 година бил републички секретар за образование, наука и култура, во периодот 1992–94 година бил ректор на УКИМ. Во 1996–98 година, во владата на Бранко Црвенковски бил министер за внатрешни работи.

Тодор Џунов (1931–2014), универзитетски професор, ректор на УКИМ, уставен судија. Бил професор и декан на Правниот факултет во Скопје, автор е на мноштво научни трудови од областа на меѓународното право. Бил претседател на заедницата за научни дејности на СРМ, член на повеќе делегации и тела за меѓународна соработка. Бил судија и претседател на Уставниот суд на РМ. Добитник е на државни награди и ордени, како и плакети од странски универзитети.

Ѓорѓи Цаца (1920-2006), правник, државник и универзитетски професор. Дипломирал на Правниот факултет во Белград. Бил професор на Правниот факултет во Битола, секретар за правосудство, претседател на Правниот совет на СФРЈ и судија на Уставниот суд на СРМ.

Инаку, во согласност со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.

Законот предвидува две одделни постапки за утврдување на имиња и нивно задавање на конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на Градот Скопје, општините од подрачјето на Градот Скопје даваат мислење по истата.

По добиената согласност од Владата, Советот на Град Скопје ја усвојува листата, а дури потоа може да се пристапи кон менување на конкретни имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, коишто се менуваат со посебни одлуки на Советот.

Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје во согласност со овој закон предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа.

Прилог: Листа на имиња по азбучен ред – https://skopje.gov.mk/media/6522/spisok-na-ulici.pdf

М.В