И поранешни судии на Уставен суд или меѓународен суд ќе бидат членови на Судскиот совет, според предложените законски измени
Во предложените измени на Законот за Судскиот совет се интервенира и во членот 26 од Законот, во кој се пропишува дека „Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, како и членовите што ги избира Собранието на Република Македонија по предлог на претседателот на Република Македонија, се од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници освен судија или јавен обвинител кој во моментот на огласот врши функција на судија или јавен обвинител.“
Со законските измени се предлага дека, покрај членовите на Судскиот совет кои ги предлагаат посочените институции од редот на универзитетски професори по право и адвокати, членови на Советот се и од редот поранешни судии на уставен или меѓународен суд.
Со измените се додава и дека членовите на Советот се и од редот на истакнатите правници кои со своето професионално и стручно делување придонеле за развој на правната мисла и владеење на правото во државата.
Поконкретно членот 10 од предложените измени гласи:
„Во членот 26 по зборот ‘адвокати’ се додаваат зборовите ‘поранешни судии на Уставен суд или меѓународен суд’, а по зборовите ‘истакнати правници’ се додаваат зборовите ’кои со своето професионално и стручно делување придонеле за развој на правната мисла и владеење на правото во државата.’“
Објавен и текстот на предложените измени на Законот за Судскиот совет
М.В