/ Прочитано:

1.663

Именки што се пишуваат со цртичка

Старата латинска вели REPETITIO MATER STUDIORUM EST или ПОВТОРУВАЊЕТО Е МАЈКА НА ЗНАЕЊЕТО, затоа Академик ќе ве потсетува на некои правила од Правописот на македонскиот јазик со цел да го повториме она што некогаш сме го учеле.

 

Со цртичка се пишуваат две именки што означуваат еден поим. Од нив само втората се менува.

Пример: бизнис-заедница, бизнис-заедницата, бизнис-заедници, бизнис-заедниците итн.

Така се пишуваат и:

1. Полусложени именки во кои првиот дел го дополнува вториот: бруто-доход, веб-страница, визит-карта, жири-комисија, жиро-сметка, интернет-пребарувач, контакт-лице, маркетинг-менаџер, нето-приход,  панел-дискусија, прес-конференција, ранг-листа, револвинг-кредит итн.

Пример: На панел-дискусијата учествуваа претставници на основните и апелационите судови.

2. Полусложени споеви од две именки во кои втората именка ја појаснува првата: заменик-директор, заменик-претседател, министер-претседател, нацрт-план, предлог-закон, премиер-министер итн.

 Пример: Заменик-министерот ги информираше новинарите за предлог-програмата на ресорното министерство.

3. Именските полусложенки со прва компонента заштитено име (знак): адидас-патики, виза-картичка, ворд-документ, панасоник-телевизор, пауерпоинт-презентација итн.

Пример: На пауерпоинт-презентацијата беа претставени податоците од анкетата.

4. Сложените именски споеви со прв дел повеќебуквена скратеница: АДСЛ-модем, ПИМ-мерки, ГПС-следење, ДНК-анализа, ЕУ-интеграции, ИП-адреса, ИСО-стандард, НАТО-мисија, СИМ-картичка, СМС-порака, ТВ-програма, АКМИС-систем итн.

Пример: И новата влада потцрта дека нејзина програмска определба се реформите во насока на ЕУ-интеграциите.

5. Именските сложенки со прв дел број кога тој ќе се напише со бројка: 18-годишник (осумнаесетгодишник), 50-годишник (педесетгодишник), 10-годишнина (десетгодишнина), 100-годишнина (стогодишнина) итн.

Пример: За одбележување на 50-годишнината организиравме пригодна програма и поканивме многу гости, како и поранешни соработници.