Правото и македонскиот јазик

Примената, заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо опфаќаат, особено.....правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во законодавната, во судската и во извршната власт, како и во правните лица основани со Устав и со закон во меѓусебната комуникација.... (Закон за употребата на македонскиот јазик, член 4, точка 7)

 

На покана на Советот за македонски јазик, претставник на Академик имаше свое излагање на седницата одржана на 11 јуни 2024 година, на тема „Македонскиот јазик во законодавството“. Целта на излагањето беше да се запознаат членовите на Советот со тековните состојби во однос на употребата на македонксиот стандарден јазик во законодавството, особено заради два аспекти. Прво, ова е тема за којашто досега не се дискутирало, како во јавноста, така и во надлежните државни органи и тела, а за ова прашање досега не се направени ниту сериозни (научни или апликативни) анализи или истражувања од кои би произлегле планови и мерки за конкретни идни активности за подобрување на ситуацијата на ова поле. Второ, Законот за употребата на македонскиот јазик, донесен кон крајот на јануари годинава, во членот 4 утврдува дека употребата на македонскиот стандарден јазик, која ја опфаќа неговата примена, заштита, унапредување и збогатување, меѓу другото, опфаќа особено „правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во законодавната, во судската и во извршната власт ….“ (точка 7 од членот 4). Со ова е опфатено и законодавството, односно прописите што ги усвојуваат органите од законодавната и извршната власт, како и одлуките на органите на судската власт што ги донесуваат во своето работење.

Во рамки на излагањето беше нотирано дека сегашната состојба во однос на употребата на македонскиот стандарден јазик во законодавството, во најмала рака, може да се окарактеризира како незадоволителна. Преку конкретни примери на одредби од законите,  подзаконските и поединечните акти што се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, како и од одлуките на судовите, беа посочени мноштво јазични неправилности, пропусти и грешки и беше забележана честата употреба на нелитературни зборови и странски термини.

Со оглед на тоа што законодавството е лицето на државата кое ја отсликува грижата и вниманието што му се посветува на нашиот јазик како бесценето „нематеријално културно наследство“ (член 1, став 4 од Законот за употребата на македонскиот јазик) и клучно идентитетско обележје, еден од заклучоците на Советот беше што е можно повеќе да се популаризира оваа тема, што би било проследено со понатамошни активности.

Академик уште од самиот почеток на функционирање на електронската збирка на прописи akademika.mk ја нотира неправилната употреба на македонскиот стандарден јазик со вметнување на фусноти во прописите кои ги уредува. Исто така, од 2022 година година објавува написи на порталот akademik.mk во рубриката Правото и македонскиот јазик, во кои се укажува на правилната употреба на македонскиот стандарден јазик.

Академик ќе продолжи и понатаму да се залага и да делува за зачувување и правилна употреба на македонски јазик самостојно, како и со сите други чинители кои можат да допринесат за правилната примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот јазик во областа на законодавството и правото воопшто.