/ Прочитано:

1.941

Придавки што се пишуваат со цртичка

Старата латинска вели REPETITIO MATER STUDIORUM EST или ПОВТОРУВАЊЕТО Е МАЈКА НА ЗНАЕЊЕТО, затоа Академик ќе ве потсетува на некои правила од Правописот на македонскиот јазик со цел да го повториме она што некогаш сме го учеле.

 

1. Со цртичка се пишуваат сложените придавки образувани од две придавки што се во рамноправен однос: македонско-бугарски (односи), македонско-грчка (граница), француско-македонски (речник); Полошко-кумановска (православна епархија); воспитно-образовен (процес), извозно-увозно (претпријатие), казнено-поправен (дом), културно-историски (контекст), наставно-научна (дејност), научно-технолошки (развој), политичко-економски (проблеми), природно-математички (факултет) итн.

Примери:

  • Во пресрет на преговарачката рамка во фокусот се македонско-бугарските односи.
  • Воспитнообразовниот процес во смисла на овој закон ја опфаќа наставата и другите облици на организирана работа со учениците.
  • Започна со работа новиот Казнено-поправен дом Штип.
  • Народна Република Кина во текот на  изминатата година се задржа на светскиот врв со достигнувањата во различни сфери на научно-технолошкиот развој.

 

2. Сложените придавки што означуваат комбинација од различни бои: жолто-зелен, сино-зелен, црно-бел, црвено-црн, црно-жолт, сино-бело-црвен.

Примери:

  • Тешко е да се даде црно-бела оценка за изборите затоа што тие претставуваат комплексен процес.
  • Во случај оригиналната верзија на документот да е во боја, неговата фотокопија или црно-бела варијанта треба да бидат јасни и разбирливи.
  • Заштитната ограда кај пешачките премини, се изработува од железни профили со дијаметар од 10 см, во висина од најмалку 1 м, широчина 1,5 метри, а се бојадисува со црвено-жолти ленти во ширина од 25 сантиметри.

 

3. Сложените придавки на кои првиот дел им е број претставен со бројка: 4-собен (стан), 7-дневен (одмор), 44-годишен (човек), 9-месечно (отсуство), 5-вековно (ропство), 100-процентна (шанса), 400-киловатен (далновод), 24-каратно (злато), 65-годишна (возраст) итн.

Примери:

  • Работникот има право на 3-месечно неплатено отсуство од работа.
  • Украдени се повеќе парчиња накит од 24-каратно злато.
  • Забрането е купување алкохол и цигари од лица помали од 18-годишна возраст.