Имплементација на најдобрите меѓународни практики за квалитетни сметководствени услуги
Подобрување на условите и квалитетот на сметководствената професија, преку имплементација на најдобрите меѓународни практики, е целта на стручната работилница на сметководители со меѓународно искуство која вчера се одржа организација на Институтот на овластени сметководители и сметководители (ИСОС) и Сојузот на сметководители на Република Македонија.
Еминентни предавачи од Институтот на овластени сметководители на Англија и Велс (ICAEW) ги споделија најсовремените практики во областа пред овластените сметководствени институции во Република Македонија, кои по завршувањето на дводневната работилница ќе се стекнат со сертификат за обучувачи за квалитет, при што македонските сметководствени компании ќе имаат уникатна можност со своето учество да го усовршат сопственото работење.
„Покрај истакнати светски предавачи, на работилницата учествуваат и Сојузот на сметководители, ревизори и финансиски работници на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Институтот за овластени ревозори на Црна Гора, Здружението на сметководители и ревизори на Република Српска и Сојузот на сметководители и ревизори на Србија. Оваа работна група составена од професионални сметководствени организации досега има одржано состаноци во Белград, Сараево и Бања Лука. Работилницата што се одржува во Скопје е завршен настан од каде што ќе произлезат препораки кои учесниците ќе ги применат во своите тековни практики во однос на подобрување на квалитетот на законската регулатива“, вели Ленче Папазовска, претседател на ИСОС на РМ.
Таа додава дека работната група на професионални организации е формирана на Интернационалниот форум во Атина во 2015 година и има за цел да им помогне на земјите од регионот да го подобрат квалитетот на сметководствените услуги и да воспостават високо ниво на стандардизација при усвојување на ICAEW-политиките и процедурите за обезбедување на квалитет, како и подобрување на контролата на компаниите кои вршат сметководствена дејност и на сметководителите поединци.
„Дел од препораките се однесуваат и на обезбедување проактивен пристап во образованието, јакнење на ангажманот на професионалните сметководствени организации во соработка со Светска банка, за поддршка на сметководствената професија и корпоративно известување и доверба на инвеститорите во земјите учеснички. Преку активностите на оваа работна група, исто така, треба да се зајакне капацитетот на професионалните здруженија“, вели Папазовска.
Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, основан во согласност со Законот за вршење на сметководствена дејност, ги обединува сметководителите и овластените сметководители кои работат на територијата на Република Македонија. Институтот беше основан со цел унапредување на сметководствената професија и организирано дејствување на сметководителите и овластените сметководители на територијaта на Република Македонија.
M.В