„Правниците отсекогаш биле носители на интелектуалните движења и промени“ – Иван Дургутов, магистер по право
За љубовта кон правото разговараме со Иван Дургутов, магистер по право, вработен во Народната банка на РСМ.
Зошто го сакате правото?
Правото го сакам затоа што е алатка која ми понуди да работам на тоа да бидам промената која сакам да ја видам во светот. Вљубеник сум во животниот стил што го нуди професијата правник затоа што сметам дека за мене лично не постои подобра и посоодветна професија, односно кога би се вратил повторно во деновите кога одлучував за својата животна определба, јас пак би го одбрал правото. Ја сакам оваа општествена наука поради нејзината динамичност и поради тоа што за да ја владеам добро, задолжително е постојано да читам, да се усовршувам, да го освежувам и да го надградувам знаењето што го поседувам. Го обожавам правото затоа што е толку многу шаренолико и нуди разни можности, како и поради тоа што да се биде доследен правник во нашата држава е предизвик за кој јас чувствувам дека имаме генерациска одговорност.
Дали правото е перспективна професија за младите луѓе и кој е твојот совет до нив?
Апсолутно, правото и перспективата се комплементарни поими. Првенствено, ако погледнеме низ историјата, правниците секогаш биле носители на интелектуалните движења и промени. Многу од удопствата кои денес ги уживаме ни се овозможени благодарение на умни правнички глави, кои секогаш биле дел од мислителите двигатели на општествениот развој. Во денешни услови, правото и тоа како претставува перспективна професија за младите луѓе. Колку и да изгледа дека правната професија е моментално на незавидно ниво и колку и да зборуваме за суфицит на правници, не треба да заборавиме дека потреба од квалитетни правници има секаде околу нас. Силно верувам дека квалитетот секогаш испливува на површина и за добриот правник пронаоѓањето на соодветно работно место никогаш не претставува проблем. Ги охрабрувам колегите правници, како и оние средношколци кои се двоумат дали да студираат право, да не се откажуваат и да се посветат целосно кон проучување, но и подобрување на македонскиот правен систем. На правната фела ѝ е потребно вистинско зајакнување, и тоа најмногу преку млади остри умови, необременети со минатото време.
Што е она што би сакал да го промениш во правосудниот систем?
Би сакал да ја променам ниската свест за потребата од континуирана обука за претставниците на правните професии. Во правото голема е шансата она знаење што сте го стекнале неодамна веќе да е застарено и затоа е потребна постојана едукација и следење на трендовите во правната област. Дополнително, би сакал да воведам практика во кулоарите на правосудниот систем погласно да се зборува за човековите права, за идејата која стои зад секој донесен закон, како и за неопходноста од примена на европските и светските правни документи, а не безусловно држење до домашното законодавство. И за крај, би сакал да ја интензивирам борбата за враќањето на дигнитетот на правната професија и добивањето на нејзиното заслужено место во општеството.
Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“
„Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат
„Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик
Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“