/ Прочитано:

4.302

Интервју со судијката Даниела Димовска: Пробацијата е најефикасниот начин за враќање на престапниците на правиот пат

Судијке Димовска, што ве поттикна заедно со уште тројца ваши колеги да ја напишете Анализата на Законот за извршување на санкциите – Предизвици, практични проблеми, решенија?

Изминатите 7 години, најпрво како судија на претходна постапка, а потоа и како судија за извршување на санкциите, одлучував токму за ограничувањето на слободата која, всушност, по неприкосновеното право на живот, е највозвишеното човеково право. И навистина таквите одлуки се исклучително тешки, особено ако се имаат предвид условите во кои треба да ги упатиш осомничените кога сè уште не е докажана нивната вина, ниту пак е полесно и кога упатуваш на издржување затворска казна тешко болни осуденици. Несомнено, оттука произлегува и мојот интерес за затворскиот систем, како и огромната желбата за негово подобрување.

Сепак, во кривичното право акцентот сите го ставаме на самата кривична постапка, што е оправдано, па за жал извршувањето на санкциите не го добива заслуженото место, и покрај тоа што крајната цел е токму казнувањето или пак одземањето на имотната корист. Кога велам „казнување“ не мислам само да му се нанесе „зло“ на сторителот за стореното кривично дело, туку мислам и на неговата ресоцијализација. Кога дојдов во Одделението за извршување на санкции, ме пречекаа одлични колеги и многу дилеми. Судиите Пајазит Пајазити и Александар Милошевски веќе имаа долгогодишно искуство, особено ако се има предвид дека Кривичниот суд во Скопје извршува најголем дел од вкупно донесените пресуди во целата држава. Сепак, последните неколку години беа навистина предизвикувачки за нашиот правен систем, вклучително и кога станува збор за извршувањето на санкциите. И покрај досегашната судска пракса, што не беше спорна, сега за првпат се постави прашањето на кој начин ќе се упатуваат притворениците од куќен притвор на издржување казна затвор. Се соочивме со таканаречениот „затворски туризам“, се соочивме со нееднаков третман помеѓу мажи затвореници и жени затворенички и уште многу други ситуации. Почна да се говори за правото на информирање, за правото на задоволување на верските потреби на затворениците и за ред други прашања кои претходно воопшто не се поставуваа, па сето тоа беше доволен предизвик за нас тројцата судии за извршување на санкции, заедно со доц. д-р Елена Мујоска-Трпевска, да ја направиме Анализата за актуелниот Закон за извршување на санкциите, која е поддржана и објавена од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, притоа во неа да ги лоцираме најголемите проблеми, и што е најважно да дадеме препораки за нивно надминување. Укажавме на проблемите околу куќниот затвор, упатувањето на издржување казна затвор на болни лица кои издржуваат мерка куќен притвор и кои немаат законска можност да бараат одлагање на започнувањето на казната, прекинот на издржувањето на казната затвор за осудени странски државјани, прекинот на издржувањето на казната затвор за лица осудени на доживотен затвор кои немаат можност ниту за условен отпуст ниту за повторно преиспитување на казната, како и на институционалната неповрзаност што се одразува врз целокупниот систем. Издвоивме домашни одлуки за кои сметавме дека се релевантни, а укажавме и на одлуки на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на извршувањето на санкциите. Како прилог на анализата ги додадовме и обрасците коишто најчесто се користат.

Дали сметате дека алтернативните мерки (условна осуда, куќен затвор, општокорисна работа) позитивно влијаат на идната успешна ресоцијализација на осудените лица?

Неодамна читав за едно африканско племе кое има обичај кога некој ќе направи нешто лошо, да го носат на сретсело, каде што се собира целото племе и наредните два дена зборуваат за сите добри работи што ги направил тој човек во животот. Племето верува дека секое човечко битие е добро, но дека понекогаш прави грешки, што всушност е повик за негова помош, па затоа сите се обединуваат во намерата повторно да го спојат со неговата природа и да го потсетат на она што навистина е тој. Во современото право за обвинети кои за првпат се судираат со законот судот најчесто определува алтернативни мерки, кои не претставуваат избегнување на казнувањето, како што честопати истото се толкува во јавноста, туку одлагање на казната под одредени услови. Во Германија, на пример, од 200.000 осуденици годишно, 80% или се со парична казна или одат на пробација, додека само 20% одат во затвор, а 2/3 од затворениците понатаму подлежат на пробација. Кај нас овој институт, имаше многу „срамежлив“ почеток, но сепак пробациските службеници не го губат ентузијазмот, па ако локалната пробациска канцеларија во Скопје во 2017 година имаше 4 предмети, во 2022 година има дури 306 предмети. И навистина сум убедена и цврсто верувам дека овој вид казнување води не само кон ресоцијализација, туку пред сè и кон заштита од криминална инфекција на претходно неосудуваните лица. Најчесто станува збор за млади сторители, дел од нив потекнуваат од дисфункционални средини, понекогаш доживеале одредени семејни трагедии, изгубиле член на семејство, изгубиле работа, некои од нив се борат со неизлечиви болести, грижата од општеството најчесто ја нема или е задоцнета, па  тие така ранливи го прекршуваат законот. Во моментот во цела држава имаме 39 осудени лица за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурсори (во поголем број случаи станува збор за неколку грама наркотична дрога марихуана) со кои работи службата за пробација.

Општокорисната работа како алтернативна мерка „заживеа“ како санкција за лицата кои го прекршија полицискиот час во време на пандемија и ги даде очекуваните резултати бидејќи повеќето од тие сторители беа млади луѓе, финансиски зависни, па преку општокорисната работа се оддолжија спрема општеството чиишто норми ги прекршија. Куќниот затвор, пак, и покрај тоа што е предвиден од страна на законодавецот за сторители кои се стари и изнемоштени, како и за тешко болни или бремени жени, сепак не постојат предуслови за негово спроведување. Во погореспоменатата анализа, со колегите укажавме токму на опасноста од недефинирање на старосната граница како услов за изрекување куќен затвор, па така тоа може да доведе до широко толкување и до евентуална злоупотреба, особено ако се има предвид општата употреба на термините „релативно стар“ и „релативно млад“ сторител низ нашите судски одлуки. Ако се има предвид колку средства сите ние, даночните обврзници, плаќаме за функционирањето за еден ден на затворите, тогаш мислам дека целокупната јавност ќе ги поддржи алтернативните мерки како вид санкција за полесни кривични дела, а лично сметам дека пробацијата е најдобриот можен начин да ги вратиме на правиот пат престапниците кои првпат се судираат со законот.

Кој е вашиот став во однос на најавената амнестија? 

Амнестијата, односно „заборавањето“ или „простувањето“ на дел од казната на осудените отсекогаш претставува прашање кое ја бранува јавноста, и тоа не само кај нас, туку секаде во светот. Аргументи има и на двете страни, и „за“ и „против“. Имено, факт е дека кратката затворска казна која се утврдува за полесни кривични дела ретко кога води кон добри резултати бидејќи не води кон реинтеграција, туку единствено овозможува на затворениците да стекнат лоши навики. Максималниот капацитет на Затворот „Идризово“ е 1089 легла, а во моментот таму има 1180 затвореници. Пренатрупаноста неминовно води до нехуман третман спрема затворениците. Многупати, државата како единствено решение ја гледа амнестијата. Но, од друга страна, тој процес, за жал, води кон занемарување, пред сè, на правата на жртвите, како и на сите ресурси потрошени во текот на кривичната постапка, но и кон „редизајнирање“ на казнената политика. Сепак, носењето на законите е во надлежност на законодавецот, кој доколку се одлучи за закон за амнестија, должен е добро да ги образложи причините и мотивите за истиот, а на нас судиите останува да го спроведеме законот.