/ Прочитано:

999

Ислам Абази нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција

По сублимирањето на гласовите од гласањето  за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Комисијата за избори соопшти дека најмногу гласови, 66, добил Ислам Абази.

Втор, од четворицата кандидати по број на гласови е Ермон Незири со 64 гласови. Деса Пауновска има добиено 10 гласови, а Вилма  Русковска 14.

Од Комисијата наведоа дека во рок од седум дена Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Согласно Законот, како што укажаа од Комисијата, четворицата кандидати, како и избирачите имаат право на приговор во однос на резултатите од гласањето.

Согласно со Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава. Гласањето се спроведуваше во тек на работното време на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава имаат право на глас за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК.

Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

Советот на ЈО по гласањето, согласно законот, во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.