/ Прочитано:

2.382

Измените на Законот за заштита на укажувачи влегуваат во собраниска процедура

Владата на Република Македонија го разгледа и го утврди текстот од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи и го достави до Собранието на Република Македонија на понатамошно усвојување.

Со Законот за заштита на укажувачи се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Со предложените измени на овој закон се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област и се обезбедува поголема заштита на укажувачите, со што Владата на Република Македонија јасно ги потврдува политиките на борба со корупцијата.

„Основна цел на предложениот закон е усогласување на Законот за заштита на укажувачи со препораките по однос на истиот дадени со Мислењето на Венецијанска комисија бр. 829/2015 од 15.03.2016 година, надминување на непрецизноста и обезбедување внатрешна усогласеност на законските одредби што ги уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштитата на укажувачите“, се образложува во предложените законските измени.

Исто така, се додава во законското образложение, целта на носењето на овој закон е унапредување на легислативата со која се уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштита на лицата (укажувачите) кои заради заштита на јавниот интерес пријавуваат незаконито и недозволиво постапување во јавниот и во приватниот сектор, на начин утврден со закон.

Со предложените законски измени се утврдуваат дефиниции за поимите ‘институција’ и ‘правно лице’ кои се користат во Законот. Под поимот институција, во смисла на овој закон, се подразбира орган на државната и локалната власт, друг државен орган основан во согласност со Уставот на Република Македонија и со закон, агенција, фонд, јавна установа или јавно претпријатие основано од Република Македонија или од општина, Градот Скопје и општина во Градот Скопје, како и друга институција регистрирана како правно лице со доминантна или целосна сопственост на државата.

Под поимот, пак,  правно лице, во смисла на овој закон, се подразбира правно лице регистрирано во трговскиот регистар или во регистарот на други правни лица, кои ги води Централниот регистар на Република Македонија, а кое не е опфатено со поимот институција како што е определен во Законот.

Во предложените законски измени се утврдува ‘општо правило’ (и за судот) кое се однесува на откривањето, односно овозможувањето откривање на идентитетот на укажувачот (забрана доколку не е обезбедена согласност од укажувачот, освен со одлука на судот кога е тоа неопходно потребно за водење на постапка пред надлежен орган).

Во таа смисла, се доуредуваат одредбите за заштита на укажувачот од каков било вид кршење на право или од преземање или опасност од штетно дејствие против него поради извршено заштитено пријавување.

Со предложените законски измени, се вели во образложението, се утврдува една институција која ќе врши надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за заштита на укажувачи и се утврдува јавност на годишниот извештај за примени пријави од укажувачи, со тоа што за примените пријави ќе се известува во рамките на годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Имено, како што се предвидува во законските измени, Државната комисија за спречување на корупцијата е должнa до Собранието на Република Македонија да достави годишен извештај за примени пријави од укажувачи во рамките на својот годишен извештај за работа. Надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон врши Министерството за правда.

М.В