/ Прочитано:

2.554

Начелно правно мислење за рокот за поднесување на барање за прекршочна постапка

Врховниот суд на Република Северна Македонија на Општата седница одржана на 24.11.2023 година, расправајќи по Заклучокот на Апелационите судови и Врховен суд на Република Северна Македонија, донесен на работната средба одржана во октомври 2021 година, согласно член 101 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија бр.58/2006…96/2019) го донесе следното:

Начелно правно мислење

Рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочната постапка, предвиден во член 83 став 4 од Законот за прекршоци („Службен весник на РСМ“ број 96 од 17.05.2019 година) е инструктивен рок и како последица не може да има отфрлање на барањето кое е поднесено по истекот на тој рок, повикувајќи се на законската одредба од член 87 став 2 точка 5 од Законот за прекршоците.

Образложение

Одделот за казниви дела на Врховен суд на Република Северна Македонија, на ден 31.01.2022 година расправаше по Заклучокот на претставниците на апелационите судови и Врховен суд на Република Северна Македонија, донесен на работната средба одржана во октомври 2021 година, за хармонизација на судската практика, по правното прашање: „ Дали рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка, согласно член 83 став 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на РСМ“ бр.96 од 17.05.2019 година), е преклузивен рок и како последица има отфрлање на барањето за поведување на прекршочна постапка по истекувањето на тој рок или тој рок е само инструктивен рок, и е наменет за подносителот за побрзо, по ажурно и во разумен рок да ги поднесе прекршочните барања до надлежните органи“, при што донесе Заклучок, во кој утврди дека постојат различни одлуки на ниво на апелационите судови и различно постапување од страна апелационите судови, поради што предложи за ова прашање да расправа Општата седница на Врховниот суд на Релублика Северна Македонија.

Во однос на ова правно прашање дел од судовите донеле решенија co кои барањата се отфрлени односно прекршочните постапки биле запрени од причина што било утврдено дека од моментот на констатирањето на прекршокот co записник од страна на областен орган, до моментот на поднесувањето на барањето за поведување на прекршочната постапка пред надлежниот орган, поминале повеќе од 30 дена. Повикувајќи се на одредбите од член 83 став 4, во врска co член 87 став 2 од Законот за прекршоците, овие судови одлуките за запирање на постапката ги заснивале на одредбите од член 115 став 2 од Законот за прекршоците, сметајќи дека рокот од 30 дена е преклузивен рок, кој за последица има неможност за поведување односно водење на прекршочната постапка.

Од друга страна, судовите од апелационите подрачја Скопје и Штип во нивните одлуки, сметаат дека рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка, согласно одредбите од член 83 став 4 и член 58 став 2 и 8, а во врска co член 86 и 87 од Законот за прекршоците, не е преклузивен односно задолжителен и е ориентационен, и се однесува само за подобра внатрешна организација за подносителите на барањата, за да истите бидат поднесени до надлежниот орган во разумен рок и поради тоа како последица немаат санкција, која би се одразила co отфрлање на барањето или запирање на постапката по поднесено барање.

Општата седница на Врховниот суд овие факти го утврди од увидот во предмети на четирите апелациони судови.

Поради ваквото различно постапување на судовите, апелационите судови на средбата за усогласување на ставовите одржана во октомври 2021 година донеле Заклучок, „Рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка од член 87 став 4 од Законот за прекршоците е инструктивен рок, односно дека по констатирањето на прекршокот, co неговото пропуштање не се губи правото за преземање определено дејствие, како што впрочем се постапува и при поднесување на обвинителен предлог, бидејќи нема одредба во Законот за прекршоците, која предвидува последица од непостапувањето по тој рок, како што е предвидено во одредбите од Законот за кривичната постапка. На ова средба било договорено да овој Заклучок се применува се додека Врховниот суд не се произнесе по оваа прашање.

Согласно член 2 став 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на РСМ“ број 96 од 17.05.2019 година, кој е во примена од 25.05.2019 година), За прекршокот и прекршочната одговорност соодветно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик.

Согласно член 41 став 1 од Законот за прекршоците, Прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат две години од денот кога е сторен прекршокот.

Согласно член 41 став 10 од Законот за прекршоците, Застареноста за прекршочно гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на прекршочното гонење.

Согласно став 11 од истиот член, Рокот на застареност од ставовите (1), (2) и (3) на овој член може да биде подолг доколку во одредена област се врши усогласување co законодавството на Европската унија.

Согласно член 58 став 1 од Законот за прекршоците, Прекршочниот орган поведува прекршочна постапка по службена должност или по барање на овластено службено лице во органите од член 83 став (2) од овој Закон.

Согласно член 58 став 2, Овластеното службено лице од ставот (1) на овој член е должен во најкус можен рок но не подолго од 30 дена од денот на констатирањето на прекршокот или по поднесена пријава за сторен прекршок, да поднесе барање за поведување на прекршочната постапка, секогаш кога постои законски основ за тоа, кога е утврдено co технички средства или по пријава на оштетениот.

Согласно став 8 од истиот член, Прекршочниот орган co решение ќе го отфрли барањето за поведување на прекршочна постапка согласно членовите 86 и 87 од овој Закон.

Согласно член 83 став 1, Прекршочната постапка се поведува по барање на овластениот орган.

Согласно член 83 став 4, Овластените органи од ставот (2) на овој член се должни во рок од 30 дена од денот на констатирањето на прекршокот или по поднесена пријава од страна на оштетениот за сторен прекршок, да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, секогаш кога постои основано сомневање дека е сторен прекршок.

Согласно став 5 од овој член, Ако рокот од ставот (4) на овој член е истечен или ако е добиено известување дека барањето е неосновано, оштетениот има право да поднесе приговор до повисокиот орган надлежен за вршење на надзор над работата на органите од ставот (2) на овој член, чија одлука е конечна.

Согласно член 87 став 1 од Законот за прекршоците, Ако судот утврди дека не постојат услови за поведување на прекршочната постапка, барањето ке го отфрли co решение.

Согласно став 2 од овој член, He постојат услови за поведување на прекршочната постапка кога: дејствието опишано во барањето не е прекршок; постојат основи што ја исклучуваат одговорноста за прекршокот, настапила застареност за поведување на прекршочната постапка; барањето го поднело неовластен подносител, односно лице; постојат други законски причини поради кои прекршочната постапка не може да се поведе, барањето не е поткрепено co докази за сторен прекршок; барањето не ги содржи потребните податоци од членот 84 од овој Закон.

Согласно член 115 став 1 од Законот за прекршоците, Прекршочната постапка се запира co решение, ако: обвинетиот починал; правното лице престанало да постои; судот утврди дека прекршокот е извршен во состојба на непресметливост; во текот на постапката кај обвинетото лице настапило трајно душевно заболување и во други случаи определени co овој закон.

Согласно став 2 од овој, Прекршочната постапка ќе се запре и во други случаи определени co закон.

Од цитираните законски одредби и образложенијата на апелационите судови кои сметаат дека овој рок е инстуктивен, а посебно имајќи го предвид институтот застареност за поведување и водење на прекршочната постапка, предвиден во член 41 став 1 од Законот за прекршоците, како и одредбите од член 87 став 2, Општата седница го утврди ставот искажан во Начелното правно мислење.

При утврдувањето на овој став, Општата седница се раководеше од горенаведените одредби на Законот за прекршоците, анализирајќи ги истите споредбено co одредби на Законот за кривичната постапка, во однос на определени процесни категории, особено значењето и категоризацијата на роковите, споредбено и co соодветна правна литература. Во полза на овој став, е и претходното објаснување на генеричко значење на одредени поими кои се од влијание за определување на карактерот на роковите односно дали тие се инструктивни или преклузивни рокови.

Согласно наведената правна аргументација Општата седница го утврди предметното Начелно правни мислење.

 

Скопје, 08.12.2023 година.

Општа седница на
Врховниот суд на
Република Северна Македонија