Извршено авионско снимање на територијата на Република Македонија за просторна идентификација на земјишните парцели
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во периодот јуни – средина на август 2017 година, по втор пат по 2009 година, изврши авионско снимање на целата територија на Република Македонија.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека во согласност со европските регулативи и препораки авионските снимки се основа за функционирање на системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП). Со просторната идентификација на земјишните парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„На овој начин, ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен. Во рамките на процесот ќе бидат произведени ортофото карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето“, велат од Министерството.
Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања. За таа цел, при крајот на тековната и во текот на 2018 година, во подрачните единици на Министерството ќе бидат повикани земјоделските стопанства кај кои е утврдено несовпаѓање помеѓу состојбата на постојната ортофото карта од 2009 година и новата карта од 2017 година, од аспект на површината на парцелата или користењето на земјиштето, а со цел коригирање на забележаните отстапувања.
Покрај за спроведување на земјоделските политики на поддршка, новите ортофото карти и дигиталниот модел на теренот се достапни и наоѓаат широка примена и од страна на голем број органи на државната управа, единиците на локалната самоуправа и правни лица при извршување на нивните надлежности во просторното планирање и проектирање, јавната безбедност итн.
Активностите за изработка на авионските снимки, ортофото картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште финансиски се помогнати од страна на Европската Унија преку ИПА 2008 проектот „Изработка на ортофото карти и дигитализација на употребата на земјоделското земјиште и развој на ИТ-софтвер за регистарот ЕРЗС , системот ФАДН и надградба на СИЗП-софтверот“.
М.В