/ Прочитано:

1.172

ЈАШАРИ: Претседателот на Кривичниот суд треба да одлучи кога ќе се пресели Судот во новата зграда, КРИВИЧЕН СУД: Новата зграда сѐ уште не е комплетно опремена

„Министерството за правда сѐ уште нема обезбедено соодветно опремување на судниците во новата зграда со опрема за аудиовизуелно снимање, целокупната компјутерска мрежа и обезбедување на телефонска централа за новата зграда, како и предавање на клучевите од зградата за да може Судот да се пресели во новиот објект“, велат од Кривичниот суд.

Аднан Јашари, министер за правда

Просторните проблеми со кои се соочува Кривичниот суд при одржувањето на големи процеси во кои има повеќе обвинети ќе се решат кога ќе биде пуштена во употреба новата зграда на Судот, која се наоѓа веднаш до зградата на Скопска единица. Ова денеска го изјави министерот за правда, Аднан Јашари, според кого решението за тоа кога ќе биде ставена во употреба новата зграда зависи од претседателот на Судот и од тоа кога тој ќе биде подготвен да се пресели.

Јашари тврди дека Министерството за правда, кое беше одговорно за изградбата на новиот објект, ги завршило сите постапки и формалности.

Од Кривичниот суд, пак, велат дека Министерството за правда не ги исполнило сите обврски поврзани со новиот објект.

„Министерството за правда сѐ уште нема обезбедено соодветно опремување на судниците во новата зграда со опрема за аудиовизуелно снимање, целокупната компјутерска мрежа и обезбедување на телефонска централа за новата зграда, како и предавање на клучевите од зградата за да може Судот да се пресели во новиот објект“, велат од Кривичниот суд.

Минатата недела на судењето за случајот „Дива Населба“проблемот со просторните услови во Кривичниот суд ескалираше откако адвокатите побараа роднините на обвинетите да можат да присуствуваат во судницата, на адвокатите да им се обезбедат соодветни услови за работа, односно секој бранител да седи до својот клиент и најавија бојкот на судењето доколку не бидат исполнети овие услови. Поради однесувањето, тројца адвокати беа казнети со 1 200 евра казна, а двајца од нив Судот ги задолжи да ги платат трошоците за одржување на целото рочиште кое поради големото обезбедување и големиот број на обвинети, 29, кои се носат со спровод од затвор, чини околу 40 илјади евра.

Дива населба, прво рочиште

Судот минатата недела, исто така, информираше дека уште на 18.2.2016 година се обратиле до Министерството за правда со барање министерот за правда, доколку е во можност, со посебна одлука да им ја додели големата сала на Врховниот суд на користење, со што би се надминал проблемот кој е предизвикан. Од Судот, исто така, побарале, доколку не е слободна салата во Врховниот суд, Министерството да определи друга поголема просторија надвор од судската зграда каде што ќе може да се одвива овој процес.

Јашари денеска одговори дека побарал од Врховниот суд да биде дадена на користење големата сала, но не добил одговор.

Новата зграда на Кривичниот суд започна да се гради во мај 2010 година и најавите беа дека таа ќе биде готова за 18 месеци. Зградата, според најавите, е со вкупна корисна површина од 9 000 квадрати има 10 нивоа, две подрумски нивоа, приземје, шест ката и потпокрив, располага со 74 судски кабинети, 22 средни судници и со две репрезентативни судници за 200 лица и една судница за 100 лица. Покрај делот за архива, шалтери, канцеларии, ќе има и обезбеден паркинг за 60 возила.

М.С.