На Денот на правосудството
УШКОВСКИ: Со конструкции и инсинуации некои сакаат да го урнат целокупниот судски систем
Ушковски вели дека со реформските активности што се преземаат во судството континуирано се јакнат неговите капацитети, забрзан е процесот на судските постапки и зголемен е квалитетот на судските одлуки, а со воведувањето на современата технологија се зголемила и транспарентноста на судството. Сепак, иако зборуваше за транспарентност во своето обраќање, Ушковски не сакаше да одговара на дополнителни новинарски прашања.
На Денот на правосудството, 31 март, на свеченост во Судскиот совет, покрај за успесите на еден од трите столба на власта, судството, претседателот на Советот зборуваше и за центрите на моќ кои влијаеле врз судството, без да потенцира за кои центри на моќ станува збор.
„За жал, некои еминентни експерти, дел од нив и добронамерно, не сакајќи или не знаејќи дека сето она што всушност го критикуваат е веќе имплементирано, но друг дел намерно, постапувајќи под менторство на некои центри на моќ, неоправдано му импутираат влијание на судството и наметнуваат перцепција за судството дека нивниот таканаречен експертски коментар и перцепција е вистина. Тоа е особено изразено преку правење конструкции и инсинуации во судството кои се наменети за дневно-политички потреби, за дефокусирање на јавноста и за други поводи кои се насочени кон рушење на целокупниот судски систем, во кој тие најдобро би се снашле“, рече претседателот на Судски совет, Бранко Ушковски, во своето обраќање пред сегашните и поранешните членови на Советот, на прославата за Денот на правосудството.
Тој додаде дека ваквите коментари и етикети само им даваат поттик за да продолжат со реформските активности за достигнување на највисоките европски стандарди во судството.
Ушковски вели дека со реформските активности што се преземаат во судството континуирано се јакнат неговите капацитети, забрзан е процесот на судските постапки и зголемен е квалитетот на судските одлуки, а со воведувањето на современата технологија се зголемила и транспарентноста на судството.
Сепак, иако зборуваше за транспарентност во своето обраќање, Ушковски не сакаше да одговара на дополнителни новинарски прашања.
Министерот за правда, Аднан Јашари, истакна дека независното судството е еден од централните столбови и претставува основа за владеењето на правото и заштита на правата на граѓаните од можните злоупотреби.
„Министерството за правда ќе продолжи и понатаму да обезбедува законски гаранции за понатамошно зајакнување на независноста на судството. Во тие рамки, посебно внимание посветуваме на анализирањето на меѓународните стандарди и нивно имплементирање во нашето законодавство“, рече Јашари во својот поздравен говор.
Тој го пофали учеството на судиите во телата на Министерството за правда во кои се подготвуваат законите од областа на правосудството.
Како предизвик за иднината, Јашари ја истакна имплементацијата на Стратегијата за правосудството, која во моментов е дадена на мислење во Европската комисија.
„Нашите активности во моментов се насочени кон изработка на детални акциони планови за спроведување на Стратегијата која е структурирана во шест области: судство, казненоправен систем, пристап до правдата и транспарентност, политика и координација, управно правосудство и информатички систем и е-правда“, рече Јашари.
Честитки за Денот на правосудството испрати и Основниот суд Скопје 2 Скопје.
„Посакуваме професионалноста, одговорноста и објективноста да бидат конвенционален поттик за исполнување на очекувањата на граѓаните и инспирација за ефективно и ефикасно функционирање на правниот систем и владеење правото како основен темел на демократското општество“, стои во честитката од Основниот суд Скопје 2 Скопје.
Марија Севриева