/ Прочитано:

867

Јавна расправа за Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Во организација на Комисијата за европски прашања и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, денеска се одржа јавна расправа на тема:  Предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација.

„Поздравни обраќања на јавната расправа имаа Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања; Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, и Јагода Шахпаска, министeрка за труд и социјална политика.

Во дискусијата по Предлог-законот, покрај пратеничките Снежана Калеска-Ванчева, Моника Зајкова и Маја Морачанин, учество зедоа и претставниците на граѓанските организации, и тоа: Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини, Јована Јовановска-Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Росана Богатинова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Тона Карева и Бојан Јовановски од ХЕРА, Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници, Марија Ристеска од ЦРПМ, Марија Савовска од Акција Здруженска, Савка Тодоровска од НСРР, Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово и Стојан Митов од Здружение ЕСЕ.

На јавната расправа беше истакнато дека најголемиот дел од забелешките на граѓанските и меѓународните организации се внесени во предложениот текст на законот, со што се унапредува заштитата на човековите права во нашата земја.

Во фокусот на дискусијата беше предлогот да се допрецизира членот 18, во кој се уредува постапката за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Беше истакната потребата од донесување на добар закон со консензус од сите политички партии и функционално тело, во кое ќе членуваат стручни и компетентни кадри кои имаат разбирање од областа.

Низ излагањата на претставниците од граѓанските организации се потенцираше потребата моделот за избор на ова тело да се преслика според изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупција, односно да се доуредат постапката и критериумите за избор, со почитување на принципот за транспарентност и инклузивност.

Исто така, беше сугерирано дека при изборот на членовите треба да се води сметка за  репрезентативноста,  искуството, сензибилноста кон ранливите групи и работата во областа на човековите права, родовата балансираност, притоа не заборавајќи на една од темелните вредности, хуманизмот и солидарноста.

Беше посочена забелешката и на Венецијанската комисија во однос на можноста за повторен избор на кандидатите, како несоодветно решение. Присутните ја поздравија финансиската независност на Комисијата, но потенцираа дека законот предизвикува и други финансиски импликации кои не се предложеното законско решение“, информираат од Собранието.

.