ЈОРМ: Немаме ингеренции во услови на елементарна непогода и во случаи каде што нема сомнение за сторено кривично дело
Според Обвинителството, јавен обвинител наредува обдукција само врз основа на ЗКП, додека според Законот за здравствена заштита, обдукција можат да побараат и други институции.
Четири дена по катастрофалните поплави во Скопскиот Регион, во кои животот го загубија 22 лица, од Јавното обвинителство излегоа со соопштение во однос на написите во повеќе медиуми дека не биле испочитувани меѓународните протоколи за масовни несреќи поради тоа што јавниот обвинител не издал наредба за обдукција на загинатите.
Од Обвинителството велат дека немаат ингеренции да постапуваат во услови на елементарна непогода и во случаи каде што нема сомнение за сторено кривично дело и наведуваат дека веднаш откако Министерството за внатрешни работи ги информирало за жртви во поплавите од 6 август, дежурниот јавен обвинител на 7 август ги издал сите потребни инструкции во рамките на своите надлежности за постапување на полициските екипи на терен.
„Имено, во согласност со Законот за кривична постапка (член 246 став 1) – ‘Преглед и обдукција на леш ќе се преземе кога постои сомневање дека смртта е предизвикана со кривично дело’. Со оглед на тоа што во случајот не постоеше сомнение за сторено кривично дело, надлежен јавен обвинител не издаде наредба за обдукција, туку даде насока телата на починатите да се однесат во капелата во Бутел за идентификација и потоа да им се предадат на семејствата за погреб. Секако, според насоките дадени од јавниот обвинител, за секоја спорна смрт и за лицата на кои не може да им се утврди идентитетот беше оставена можност дополнително да се врши обдукција“, велат од Обвинителството.
Според Обвинителството, јавен обвинител наредува обдукција само врз основа на ЗКП, додека според Законот за здравствена заштита, обдукција можат да побараат и други институции.
„Исто така, во согласност со Законот за кривична постапка, надлежен јавен обвинител раководи со увидот на местото на настанот само во услови кога постои сомнение за сторено кривично дело. Во конкретниот случај станува збор за елементарна непогода и не постоеше сомнение за сторено кривично дело. Истовремено, дежурниот јавен обвинител од страна на полициските екипи беше известен дека на теренот каде што беа пронајдени телата не може да се врши увид и фотографирање затоа што е непристапен и непрооден, а пристап до него имаат само специјални единици од МВР и од АРМ со чамци и оклопни возила“, велат од Обвинителството.
Во законот за Здравствена заштита, на кој се повикува Обвинителството, во член 257 е наведено дека:
(1) Кога постои сомневање или е очигледно дека смртта не е од природно потекло, на телото на умреното лице се врши судско-медицинска обдукција и судско-медицинско вештачење од двајца доктори на медицина, од кои едниот е доктор на медицина – специјалист по судска медицина.
(2) Судско-медицинската обдукција се врши во случај на:
1) убиство или сомнение за убиство, односно самоубиство или сомнение за самоубиство;
2) кремирање на умрено лице;
3) сомнение за медицинска грешка;
4) технолошки или еколошки катастрофи;
5) посебно значење за заштита на здравјето на граѓаните, односно кога тоа го бараат епидемиолошки, санитарни и научноистражувачки причини;
6) ненадејна смрт, кога причината за смртта е непозната, односно нејасна или на друг начин не може да се објасни, вклучувајќи и ненадејна смрт на доенче и кога смртта настапила во врска со дијагностичка или терапевтска постапка;
7) смрт во притвор, затвор, по приведување во полиција;
8) сомневање за смрт како последица од тортура или нечовечко постапување;
9) смрт поврзана со полициска или воена активност;
10) неидентификувани или скелетизирани тела и
11) кога тоа го бара член на потесното семејство на умреното лице, овластениот здравствен работник кој го лекувал умреното лице или овластеното лице за преглед на умрени лица.